Трендафилов: Работниците се веќе уморни да слушаат како нема пари - власта да предвиди пари во буџетот

Барањето за зголемувањето на минималната плата на синдикалците според премиерот Христијан Мицкоски е поттикнато од опозицијата и не е реално. Mинималната плата се зголемува согласно законот така и ќе остане рече Мицкоски. 

„Покачувањето на минималната плата е регулирана со закон.  Јас жалам за обидите на дел од раководството на синдикалните организации да бидат политичари или пак слуги на опозициски политичари или опозициски партии а не да работат во интерес на работниците.  Јас мислам дека интересот на работниците е да има работа а не да нема работа“, рече Мицкоски.

Во кус телефонски разговор претседателот на ССМ Слободан Трендафилов рече дека не сака да ја коментира ваквата изјава но, тој смета дека политичарите проблемите на работниците ги гледаат или барем изгледаат дека се заинтересирани за нивно решавање само кога се во опозиција, кога ќе влезат на илинденска број два сето тоа го забораваат. Денеска Трендафилов побара усогласување на платите за вработените во јавен сектор согласно колективните договори.

„Денеска да слушнеме дека ќе ги зголемуваат платите бидејќи без плата нема ни работа во конкретниот случај во државата и очекуваме дека и тоа што ќе го кажат министрите ќе значи и усогласување на платите во месец септември оваа година како и дополнителното зголемување на платите наредната година која ќе се случи соогласно општитот  колективен договор на јавен сектор“, вели Трендафилов.

За новата власт не е проблем само пари за зголемување на минималната плата туку и зголемувањата на платите во јавниот сектор кој ќе треба да го чека новиот буџет, зашто актуелниот е во катастрофална состојба, како што изјави  Министерот за јавна администрација Горан Минчев.

„Во постоечкото законско решение предвидена е една процентуална надокнада, да кажам односно зголемување на платите. Ние во следниот период ќе отвориме една дебата во која што тоа ќе биде едно од главните прашања, јас се надевам можеби не во ребалансот од овој буџет сигурно, затоа што буџетот е во катастрофална состојба но, заедно со сидикатите во рамки на средствата предвидени за идниот буџет ќе дојдеме до некое компромисно решение“, вели Минчев.

Синдикатот бара во првите 100 дена 450евра за минималната плата но, од владата рекоа тоа е избрзано и нереално барање. Синдикалците најавија дека доколку не се исполнат нивните барања ќе превземат и порадикални чекори.