Тренчевска: Платите се намалуваат, се враќа политиката на евтина работна сила
Катастрофални се економските политики на новата влада предводена од Христијан Мицкоски и ВМРО-ДПМНЕ. По само 100 дена власт, резултатите се очигледни - пад на просечната плата, нема поголема минималната плата, има раст на цените и целосна деградација на работниците
Според официјалните податоци на Државниот завод за статистика, просечната плата е намалена за 1.000 денари. Ова е прв пат после седум години постојан раст платите да се намалуваат, вели пратеничката на СДСМ Јована Тренчевска.
- СДСМ се бореше и обезбеди постојано зголемување на платите, дури и за време на најголемата економска и здравствена криза. Во 2015 година, во времето на ВМРО-ДПМНЕ, просечната плата беше 20.853 денари. Во времето на СДСМ, таа достигна над 41.000 денари, што покажува континуирана посветеност кон подобрување на животниот стандард. Но, што гледаме денес? Наместо раст, гледаме пад на платите. Нема покачување ниту на минималната плата која требаше да биде 450 евра. Работниците, кои со години беа заштитени од нашите мерки за покачување на платите, денес се чувствуваат изиграни и разочарани од владата на Мицкоски по само 100 дена. Мерките кои ги предлага владата се задоцнети и неефективни. Замрзнувањето на маржите на само 73 производи не донесе никакво олеснување за граѓаните. Владата на Мицкоски го враќа времето на сиромаштија и понижување на работниците. СДСМ не може да остане нем сведок на оваа ситуација. Ќе се бориме за вистински економски мерки кои ќе го заштитат секое семејство и ќе го гарантира достоинството на работниците, рече Тренчевска.