Треба ли да се забранат телефони во училиштата?

Претседателот на оделението пред почетокот на наставата ги собира мобилните  од своите соученици, ги става во плакар под клуч што училиштето специјално го набави само за таа намена, а после часовите телефоните се враќаат на учениците и оваа одлука беше подржана од родителите, вели родителка од ОУ Коле Неделковски од општина Центар.  Оваа општина заедно со Кисела Вода и Аеродром веќе дадоа препораки учениците од прво до деветто одделение во сите основни училишта, да не ги поседуваат кај себе и да не ги користат мобилните телефони за време на наставата. Од ЗЕЛС велат дека наскоро ќе се изјаснат дали на ниво на сите општини низ државата ќе дадат ваква препорака, но сепак училиштата се воделе од насоките кои ги дава Министерството за образование.

Училишните совети треба да го дадат крајниот збор, дали мобилните ќе мируваат за време на училишниот ден, велат од основните и средни училишта.

Претераната употреба на технологија за гледање на будалаштини ни ги дебилизира децата, вели невропсихијатарот Мице Дудучки во гостување на ТВ24. 

Министерката за образование, Весна Јаневска, се согласува дека ученици кои не се одвлечени од мобилни телефони повеќе се сосредоточени на наставата, но сепак препорачува да се направи анализа дали одземањето на телефоните дава академски резултати кај учениците. Според истражувањата на УНЕСКО, паметните телефони не произведуваат паметни ученици, напротив, имаат многубројни негативни ефекти врз процесот на учење и препорачуваат нивната употреба да биде регулирана во наставата.