Треба ли да се уриваат спомениците од „Скопје 2014“?
Стручната јавност поделена околу евентуалното уривање на споменикот Порта Македонија, но и оној на мајка Тереза кои се дел од проектот „Скопје 2014“.
Откако деновиве повторно се актуелизираше ова прашање, а работната група за справување со проектот Скопје 2014 та донесе одлука просторот на кој се поставени овие споменици да се врати во правобитната положба, денеска и архитектот Мирослав Грчев кој е дел од оваа комисија во изјава за ТВ 24 вели дека не смее да им се даде легитимитет на овие два споменици, а спорни се според него и уште неколку кои се поставени долж повардарието во централното градско јадро.
Архитектот Ванѓел Божиновски пак кој што учествуваше во изградбата на проектот „Скопје 2014“ та во краток разговор за ТВ 24 вели дека нема никој право и стручност во земјата да потпише уривање на овие споменици, бидејќи ова би било несериозно.
„Порта Македонија е археолошки ископ на сегашноста во кој се содржани многу важни работи. Тука има се, и нема причина некој туку така да го урува овој објект. Во земјава нема стручно лице кое може да потпише таков документ за уривање на овие споменици кои се од витално значење за градот но и државата. Ова е несериозен пристап на Владата и на работните тела кои си даваат за право да издаваат такви предлози.“
Темата за Триумфалната порта и нејзиното евентуално уривање стана повторно актуелна во јавноста деновиве откако Владата врз основа на мислења на експертската и стручна јавност но и комисија за справување со проектот „Скопје 2014“ донесе одлука општина Центар посериозно да го разгледа ДУПОТ за овие споменици.
Премиерот Заев пак и вчера посочи дека и тој лично смета дека местото на Триумфална не е таму каде што е поставена, но вели во одлуката на Владата никаде не стои дека се бара итно уривање на градбата туку дека треба да се разгледа начинот на кој таа била изградена и дали тоа се коси со законите.
Од Општина Центар пак откако го добија жешкиот костен од владата во врска со оваа проблематика, велат дека најпрвин ќе имаат средба и со Министерството за култура а врз основа на тоа ќе ги дефинираат следните чекори.

