Транспортерите од Западен Балкан на состанок во Скопје и испорачаа барања на ЕК за состанокот на први септември во Брисел

Целосно почитување на правилото за 90 дена престој  во земјите на Европската унија, за возачите на камиони кои од државите од Западен Балкан транзитираат низ земјите на Европската унија.

Точно забележување кога се влегува а кога се излегува од државата со цел правилно пребројување на 90-те дена кои се дозволени за престој на граѓани од држави кои не се членки на Европската унија. Ова беа главните заклучоци кои Здруженијата на превозници од Западен Балкан ги донесоа по средбата во Скопје. Потенцираа дека ќе стојат на нивните барања и очекуваат на 1 септември на состанокот во Брисел истите да бидат прифатени. Доколку не бидат прифатени, најавија повторни протести.

Биљана Муратовска, генерален секретар на Асоцијацијата на превозници - Макам-транс.

- Ние ќе бидеме трпеливи, ќе се трудиме да направиме шеми за движење на возачите. Сега е период на годишни одмори, меѓутоа она што следува од септември натаму ќе биде многу трагично ако не најдеме решение. Не сакаме да му наштетиме на никого, ниту на Европска Унија, ниту на нашите држави, а најмалку на нас самите превозниците, но ако сме принудени ќе организираме протести со коишто уште еднаш ќе ги потсетиме сите дека сепак постои проблем којшто треба да се реши

Велат дека  се согласни да не се менува договорот за престој во Шенген зоната, но бараат да се почитува правилото за 90 дена престој односно влезот на возачите да биде правилно евидентиран. Доколку возачот влезе во државата само на неколку часа да не го сметаат како цел ден.

Неџо Мандиќ, претседател на Здружението за меѓународен транспорт Белград 

- Она што ние го предложивме во последното писмо како преодно решение е следното, кога Европската комисија не сака да го менува договорот од пред 41 година иако веќе одамна требаше да се смени, се согласуваме да не се сменува договорот, само да се направи прилагодување. Тоа значи дека, ако е речено, граѓаните од трети земји да може да престојуваат 90 дена во последните 180 дена тогаш да се држат на тоа правило. Како ќе биде тоа?  Така што ќе знаеме дека денот не е еден час ниту една минута туку дека денот трае 24 часа. 

Според нив, во моментов најважно е да се заштитат возачите но и да се задржат да работат во своите држави. Затоа бараат слух од Европа и итно решавање на проблемот со цел да нема застој во транспортот и да нема штета ниту една држава во Европа.

Зијад Шариќ, претседател на УО на здружение за транспорт на Босна и Херцеговина

- Постојано нешто ни ветуваа и ни даваа рокови до кога проблемот ќе се реши но ние тие рокови  не можеме да ги чекаме. Денеска донесовме заеднички заклучок а тоа е дека како што знаете сите живееме во демократски држави и во демократска Европа и единствено демократско право е преку протести да дојдеме до остварување на нашата цел. Европа моментално не не слуша но и да не слуша се прави нема, бидејќи мисли дека ќе се откажеме од нашите барања. Ние нема да се откажеме од нашите барања бидејќи сакаме да ги заштитиме нашите возачи. 

Според податоците кои беа споделени на состанокот, со проблемот за престој засегнати се 100 000 возачи од Западен Балкан од кои 17 000 се од Македонија.

Превозниците од Македонија но и од цел Западен Балкан во јануари годинава излегоа на масовни протести поради правилата во Шенген зоната. Тогаш од македонската влада кажаа дека се во комуникација  со европските претставници со цел изнаоѓање решение.