Транспаренси интернешнел: Македонија назадува во борбата против корупцијата

Со два поени помалку од 2023 година, Македонија ја заврши минатата година со пад од 12 места на ранг листата на Транспаренси Интернешнл за нивото на борба против корупцијата.

Според Индексот за перцепција на корупција за 2024, земјава е рангирана со 40 поени и е на 88-то место од 180 земји. Ако во 2023 година, кога на овој Индекс земјата беше рангирана на 76-тото место главно заради критиките за измените на Кривичниот законик, падот сега се должи на скандалите во судството, Судскиот совет и Академијата на судии и јавни обвинители, велат од Транспаренси интернешнл Македонија. 

Од ВМРО-ДПМНЕ сметаат дека падот од два поена е резултат на сите злоупотреби на европското знаменце, коруптивните скандали кои, како што велат, беа во периодот на минатата Влада. 

„Извештајот на Транспаренси е доказ дека главна активности на СДС им беше криминалот и корупцијата. Извештајот покажува колку СДС ја уништи државата и ја зацементира корупцијата. Извештајот за транспарентност опфаќа само 3 месеци од владата на ВМРО-ДПМНЕ. И се однесува претежно на периодот од минатата влада. Извештајот на Транспаренси опфаќа се од пиротехниката на Дрин Ахмети, преку тендерите во РЕК Битола, до аздисаноста во ЈП Државни патишта.“ - ВМРО-ДПМНЕ.

Опозициската СДСМ пак, одговорноста за овој неуспех ја лоцираа кај Владата.

„Со падот на два поени и рангирањето на 88. место, граѓаните јасно покажуваат дека немаат доверба во нивните политики и дека корупцијата е полоша од кога било. Резултатите од извештајoт на Транспаренси интернешнл се уште еден доказ за неспособноста и неуспехот на Владата предводена од ДПМНЕ. Македонија бележи катастрофален пад од 12 места во Индексот за корупцијата за 2024 година, што e прво назадување од 2019 година.“ - СДСМ. 

Според рангирањето на Транспаренси Интернешенл, земјава како 88- ма е во друштво на Суринам, Виетнам, Казахстан и Танзанија. Од регионот полоша оценка од македонската имаат Србија и Босна и Херцеговина. Највисоко рангирана и годинава останува Данска со 90 индексни поени.