Трансфузиолог заразен со коронавирус во Охрид, одделот и понатаму под клуч
Foto

Трансфузиолог заразен со коронавирус во Охрид, одделот и понатаму под клуч

Нов позитивен случај на ковид 19 во Охрид. ТВ 24 дознава дека токму еден од деветте тестови направени врз медицинскиот персонал на охридска трансфузиологија е позитивен на коронавирус.

Според информациите тоа значи дека едно медицинско лице од овој оддел е третиот пациент од Охрид заболен од Ковид 19. Останатите 8-мина вработени на трансфузиологија како и други 20-тина граѓани врз кои неделава се извршени тестирања имаат негативен резултат.

Дали медицинското лице вирусот го добило поради контакт со првозаболениот пациент кој на 10 март на одделот правел тромбо тест или од друга страна  надлежните не даваат конкретна информација како и за тоа дали станува збор за доктор или докторка од одделот.Инаку одделот за трансфузиологија е под клуч од 19-ти март кога беше дијагностициран вирусот кај првиот пациент и се уште не се знае од кога повторно осуммината вработени негативни на тестот ќе се вратат на работа.

Во меѓувреме СВР информира дека синоќа во неколку наврати е прекршен јавниот ред  мир во градот поради непочитување на мерките за карантин. Приведен е сопственик на угостителски објект, а затворени се локали кои ги прекршиле препораките.

„Изминатово деноноќие, забраната за движење за време на спроведување на мерките за ограничено движење и заштита на граѓаните од  ширење на коронавирус COVID-19, ја прекршиле две лица (Струга-1 и Кичево-1). Во Охрид околу 20.30 часот и во охридското село Лескоец околу 22.30 часот, два угостителски објекта не ја почитувале забраната за работа и вршеле послужување на гости. Притоа, во  угостителски објект лоциран на плоштадот „Крушевска Република“ во Охрид, нарушен е јавниот ред и мир, по што приведен е сопственикот на објектот. Од страна на Државниот пазарен инспекторат, објектите се затворени и против сопствениците ќе биде поднесена кривична пријава. Полициските службеници во Охрид укажаа помош на лице со нарушено здравје кое, од улицата „Питу Гули“ е префрлено во Општата болница“ - велат надлежните.

Инаку во Охрид во државен карантин се сместени околу 80 лица, а во домашна изолација под здравствен и полициски надзор се наоѓаат 149 граѓани.

0 Коментари

Остави коментари