Трамп станува 47- от американски претседател
Соединетите Американски Држави подготвени за инаугурацијата на новиот претседател... Доналд Трамп денеска ќе положи заклетва и ќе стане 47 -от претседател во историјата на државата.
Церемонијата почна со богослужба во епископската црква Сент Џон, по што Трамп заедно со сопругата Меланија заминаа во Белата Куќа на средба со претседателот во заминување, Џо Бајден и првата дама на САД.
Точно напладне по американско време, Трамп ќе положи заклетва и официјално ќе го почне четиригодишниот мандат. Церемонијата вообичаено се одржува на западната страна на зградата на Капитол под отворено небо. Но, ниските температури ги променија плановите и настанот ќе се оддржи внатре во Ротондата. Спортската сала во центарот на Вашингтон ќе биде отворена за сите оние кои ќе сакаат да ја следат инаугурацијата во живо.
„На оваа држава и треба силен лидер. Мислам дека администрацијата на Трамп ќе ја покаже не само силата на САД туку ќе биде и пример кој ќе го предводи светот.“ - жител на Илиноис.
„Повторно ќе го врати мирот во светот. Ќе ја запре војната во Украина и ќе го реши проблемот меѓу Израел и Хамас.“ - жителка на Флорида.
Според програмата, откако ќе положи заклетва, претседателот ќе ги потпише првите одлуки и ќе присуствува на неколку настани кои ќе се одржат во негова чест, а на кои ќе им се обрати на присутните.
На инаугурацијата, покрај Џо Бајден, присутни ќе бидат и сите поранешни живи претседатели на САД - Барак Обама, Џорџ Буш и Бил Клинтон, додека од поранешните први дами нема да присуствува само Мишел Обама. Како почесни гости, Трамп покани неколку технолошки милијардери, кои ќе седнат на сцената заедно со други познати личности и идни министри.
Странските шефови на држави и влади традиционално не се на списокот на гости...Сепак, Трамп покани неколкумина од нив. Од Европа доаѓаат италијанската премиерка Џорџа Мелони и Британецот Најџел Фараж. Покана добил и унгарскиот премиер Виктор Орбан, но тој нема да присуствува. Најзвучно име од Јужна Америка е аргентинскиот претседател Хавиер Милеи додека пак Кина ќе ја преставува потпретседателот на државата Хан Женг. Дел од инаугурацијата ќе биде и делегација од Македонија предводена од премиерот Христијан Мицкоски. Покана нема за претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен.
После поразот на изборите во 2020-та година, многумина веруваа дека политичката кариера на Трамп е завршена. Но, и со четири кривични пријави на товар, Трамп лесно ги победи ривалите од републиканската партија а потоа стигна и до убедлив триумф на претседателската трка. Еден ден пред инаугурацијта, на последната средба со неговите поддржувачи, Трамп порача дека за брзо време ќе ги исполни клучните предизборни ветувања.