Трамп со официјално обвинение за поткуп на порно актерката Даниелс

Поранешниот американски претседател Доналд Трамп е обвинет за тајни плаќања на порно ѕвезда непосредно пред претседателските избори во 2016 година, објави Си-Ен-Ен. Трамп, наводно, се соочува со повеќе од 30 точки од обвинението за деловна измама.

 

Детали од обвинението се уште не се објавени. Големата порота го обвини Трамп дека и платил 130.000 долари на порно актерката Сторми Даниелс, која тврди дека имала афера со него додека тој бил во брак со неговата сегашна сопруга Меланија.

Трамп објави изјава веднаш по гласањето на обвинението против него.

„Ова е политички прогон и мешање во избори што досега не се случило. Од моментот кога се симнав од ескалаторот кај Трамп Тауер, па дури и пред да положам заклетва како ваш претседател, радикалните левичарски демократи – непријатели на вредните мажи и жени од оваа земја – започнаа лов на вештерки“, напиша Трамп.

Адвокатот на одбраната, Џо Такопина, рече дека Трамп најверојатно ќе биде изведен пред поротата на почетокот на следната недела.

„Поранешниот претседател, сегашен кандидат и мој пријател претседател Доналд Џ. Трамп е жртва на корумпирана и искривена верзија на американскиот правосуден систем и историја. Тој ќе биде ослободен од обвинението“, коментира Алина Хаба, адвокатка на Доналд Трамп.

 

Конкретните обвиненија се уште не се познати, а обвинението најверојатно ќе биде објавено во наредните денови, пишува Њујорк Тајмс. Сега, Трамп ќе мора да отпатува во Менхетен за земање отпечатоци и друга обработка.

Против Трамп се водат уште неколку истраги.