Трамп следната година ќе се сретне со севернокорејскиот лидер Ким Џонг Ун

Потпретседателот на САД Мајк Пенс соопшти дека американскиот претседател Доналд Трамп планира следната година да се сретне со лидерот на Северна Кореја Ким Џонг Ун.

Пенс истакна дека Трамп следниот пат нема да ги повтори минатите грешки и да дозволи Ким да не ги исполни ветувањата за ставање крај на неговите програми за оружје.

САД и Северна Кореја по средбата во јуни во Сингапур разговараат за организирање втор самит. Целта е на него да се постават темелите за ставање крај на нуклеарното несогласување меѓу двете земји.

– Се работи на тие планови. Сметаме дека самитот најверојатно ќе се одржи по 1 јануари, но уште не е прецизирано кога и каде, изјави Пенс по средбата во Сингапур со јужнокорејскиот претседател Мун Џе-ин. Тие разговараа на маргините на форумот на земјите од Азија и Тихиот Океан.

– Не сакаме да ги повторуваме грешките на претходните администрации, искрено, кои ги дозволија и двете политички партии во последните неколку децении, кога биле давани ветувања, биле укинувани санкции, била давана економска поддршка, а потоа ветувањата биле прекршени, рече американскиот потпретседател.