Трамп се закани со воена акција ако Иран не го почитува договорот, американските сили остануваат во регионот
Прв ден од примирјето меѓу САД и Иран а Доналд Трамп веќе се закани дека ќе има жестоки напади ако не се почитува договорот. Американската армија ќе остане на Блискиот Исток а доколку Техеран не се придржува до планот, војната ќе продолжи.
Доналд Трамп – претседател на САД
„Тоа беше договорено одамна и, и покрај сета лажна реторика спротивно на тоа – НЕМА НУКЛЕАРНО ОРУЖЈЕ и Ормутскиот теснец ЌЕ БИДЕ ОТВОРЕН И БЕЗБЕДЕН. Во меѓувреме, нашата голема војска се подготвува и одмора, всушност со нетрпение го очекува своето следно освојување. “
Иранската влада претходно соопшти дека би било неразумно да се продолжат преговорите за траен мировен договор - во услови кога Израел ги засилува нападите врз Либан. Иранската делегација вечерва ќе пристигне во Исламабад каде треба да се оддржи првата рунда од разговорите кои треба да доведат до крај на војната со САД и Израел. Од Техеран сепак порачуваат дека САД не може да очекува прекин на огнот, а во меѓувреме нивниот сојузник да изврши масакр.
Али Бахреини – амбасадор на Иран во ОН
„Овојпат има голема недоверба. И мислам дека е јасно зошто Иран не и верува на другата страна. Нашата армија останува подготвена , спремна веднаш да реагира на било какво сценарио. Во меѓувреме, прифаќаме преговори за да видиме колку е сериозна другата страна “
Примирјето не важи за Либан. Преку 250 убиени и над илјада повредени за само 10 минути. Неколку часа откако беше потврдено примирјето, Израелската авијација го изврши еден од најсилните напади од почетокот на војната. Најтешко погоден беше престолнината Бејрут, каде се урнати неколку станбени згради, а не беа поштедени ниту останатите делови од државата. Болниците ширум земјата упатија итни апели за донации на крв, а владата ги повика граѓаните да помогнат во расчистување на улиците за да можат амбулантните возила да стигнат до повредените. Во земјата, денеска е ден на жалост.
Мохамед Белоза – жител на Бејрут
„Едно злосторство по друго. Државата мора нешто да превземе, не може веќе вака. Ова е станбена зона.“
Хади Баша – жител на Бејрут
„Тука веќе нема ништо невообичаено. Тие напаѓаат цивили. Ова е стамбена зграда каде живеат постари луѓе, жени и деца..Носев три годишно дете со повреди од шрапнели на главата. Од граѓанската војна не било вака. Ова е мултикултурна населба. “
Меѓународните организации предупредуваат дека Либан повторно се лизга кон катастрофа..Од Обединетите Нации велат дека најновиот напад на Израел е ужасен и светот мора да реагира..
Фолкер Турк - Висок комесар на ОН за човекови права
„Таков масакр, само неколку часа по договорот за прекин на огнот со Иран, е целосно несфатлив. Тој врши огромен притисок врз кревкиот мир што им е толку очајно потребен на цивилите.“
А додека САД и Иран се подготвуваат за преговори за крај на војната, Израел се подготвува за долга војна на блискиоит исток. Според Ројтерс, создавањето на „тампон-зони“ во Газа, Сирија и Либан ја покажува стратегијата на Израелската влада. Бенјамин Нетанјаху се заканува дека нападите врз Либан нема да запрат.
Бенјамин Нетанјаху – премиер на Израел
„Имаме уште цели кои треба да ги исполниме. И ќе ги постигнеме, или преку договор или преку борба. Подготвени сме да продолжиме со војната. “
Шпанската влада го обвини Израел дека го прекршил меѓународното право и примирјето со воздушните напади врз Либан. Шпанија, кој е најгласен критичар меѓу западните земји на постапките на САД и Израел на Блискиот Исток, го затвори воздушен простор за сите летала вклучени во конфликт што Мадрид го нарече непромислен и незаконски.

