Трамп по убиството на неговиот сојузник Кирк – Ова е мрачен момент за Америка

Американскиот претседател Доналд Трамп во видео-обраќање до нацијата од Овалната соба во Белата куќа рече дека е исполнет со тага, но и бес, поради, како што го нарече, гнасниот атентат на неговиот сојузник Чарли Кирк.

Кирк, лојален сојузник на Трамп беше убиен вчера попладне по американско време додека учествуваше на собир на Универзитет во Јута, на кој присуствуваа повеќе од 3 000 луѓе.

Властите соопштија дека осомничениот веројатно пукал од покрив од значително растојание.

Исполнет сум со тага и гнев поради гнасниот атентат врз Чарли Кирк на универзитетскиот кампус во Јута. Тој инспирираше милиони луѓе и сите што го познаваа и сакаа вечерва се во шок. Ова е мрачен момент за Америка“,
рече тој во четириминутното видео објавено на социјалнота мрежа на Икс.

Според него, Кирк стана маченик за вистината и слободата и ги изрази своите молитви до неговото семејството.

Претседателот ја поврза смртта на Кирк со атентатот извршен врз него во Батлер, Пенсилванија, но и со други познати случаи на насилство.

„Овој вид реторика е директно одговорен за тероризмот што го гледаме во нашата земја и мора да престане веднаш. Мојата администрација ќе ги пронајде сите оние што придонесоа за ова злосторство“, кажа тој.

Посочи дека Американците и медиумите треба да се соочат со фактот дека насилството и убиствата се трагична последица од демонизирањето на оние, како што додаде, со кои не се согласувате.

Напомена и дека радикално-левичарското политичко насилство повредило премногу невини луѓе. Вети понатамошни дејствија, најавувајќи поширок план за сузбивање на овој вид насилство.