Трамп: Не можеме да дозволиме Иран да има нуклеарно оружје

Американскиот претседател Доналд Трамп почна нова операција со цел повторно отворање на Ормускиот Теснец за бродски сообраќај, што го поттикна Иран да изврши напади во обид да ја задржи контролата врз оваа клучна рута за испорака на енергенси.

Погодени биле неколку трговски бродови, а претседателот Трамп тврди дека САД погодиле седум ирански брзи чамци откако ветија дека ќе им помогнат на заглавените бродови да излезат од Ормускиот теснец. Шефот на Белата куќа го нарече конфликтот со Иран мини-војна која се одвива многу добро.

Доналд Трамп - претседател на САД

„Не можеме да дозволиме Иран да има нуклеарно оружје. Достигнавме нови максимуми. Реков дека мора да се грижиме за бизнисот бидејќи тоа не може да се случи. Тие немаат морнарица, воздухопловни сили, немаат противвоздушна опрема. Немаат радар. Немаат ништо. Всушност, немаат лидери“.

Иранската револуционерна гарда, пак, тврди дека ја има контролата врз Ормускиот теснец, а бродовите што сакаат да поминат низ него прво мора да добијат дозвола од иранските вооружени сили за да се осигури нивната безбедност.

Јадолах Џавани - Иранска револуционерна гарда

„Во оваа област, секој брод кој сака да помине, мора да го направи тоа со дозвола од вооружените сили на Исламската Република за да биде безбеден. Со секој брод што му припаѓа на непријателот и се обидува да помине ќе се постапи решително“.

Иранскиот министер за надворешни работи, Абас Арагчи, ги предупреди САД против воен пристап кон кризата со блокираната Ормуска Теснина. „Проектот Слобода е Проект Ќорсокак“, напиша Арагчи. Иран има интерес да ја извезува својата нафта преку Ормуската Теснина. Сепак, останува спорно кои бродови треба да смеат да поминуваат низ водениот пат и кој треба да го контролира. Повторното отворање на водниот пат, кој е важен за глобалната трговија со нафта, е една од пречките во преговорите меѓу САД и Иран за решавање на конфликтот, заедно со нуклеарната програма на Иран.