Трамп ја разреши гувернерката на федералните резерви
Американскиот претседател Доналд Трамп ја отстранил од функцијата Лиса Кук, гувернерката на Федералните резерви, со обвинување дека направила хипотекарна измама.
Во писмо до Кук, американскиот претседател наведува дека постојат „доволно докази“ дека таа давала лажни изјави во договорите за хипотеки, а Федералната агенција за финансирање на домувањето поднесе барање до Министерството за правда за отстранување на гувернерката.
Доналд Трамп – претседател на САД
„Во најмала рака, спорното однесување покажува еден вид небрежност во финансиските трансакции што ја доведува во прашање вашата компетентност и сигурност како финансиски регулатор“.
Трамп смета дека отстранувањето на Кук, првата афро-американка на оваа позиција, било неопходно за да се спроведе законот. Кук возврати дека Трамп „нема овластување“ да ја отпушти и дека таа ќе продолжи да ги извршува своите должности. Нејзиниот адвокат, исто така, забележа дека се во тек правни дејствија, велејќи дека ќе се преземат „сите потребни чекори“ за да го блокираат „обидот за нелегално дејствување“ на Трамп. Адвокатот на Кук соопшти дека против неа не е покрената тужба и дека Трамп повторно врши отпуштања преку социјалните мрежи.
Адвокат на Кук
„Ќе ги преземеме сите неопходни мерки за да спречиме ваков незаконски чин“.
Кук претходно од директорот на Федералната агенција за финансирање на домувањето, беше обвинета за фалсификување банкарски документи и евиденција за недвижности за да добие подобри услови за кредит. Кук за членка на Управниот одбор на ФЕД беше номинирана во 2022 година од поранешниот американски претседател Џо Бајден, а нејзиниот мандат трае до јануари 2028 година.
За експертите ова е напад врз независноста на американската Централна банка поради одбивањето да ги намали каматните стапки. Претходно, Трамп го повтори долгогодишниот притисок до Федералната комисија за комуникации да им ги одземе лиценците за емитување на два големи американски радиодифузери ЕЈ БИ СИ и ЕН БИ СИ, критикувајќи ги нивните вести. Трамп смета дека тие се пристрасни и претежно емитуваат „лоши приказни“ за него.
Администрацијата на Трамп разгледува санкции и против претставници на Европската унија и земјите-членки кои го спроведуваат Законот за дигитални услуги, тврдејќи дека регулативата ги цензурира Американците и ги зголемува трошоците за американските технолошки компании.

