Трамп исцртува нови линии на американскиот континент?!

Трамп ја повлече поканата до Канада за Одборот за мир – претходно објави и фотографија со американското знаме кое ги покрива Канада, Гренланд и Венецуела. 

Во кратка објава на неговата онлајн платформа – Truth Social, без да наведе причини, Трамп му порача на канадскиот премиер Карни дека ја повлекува поканата за Канада од она што ќе биде, според Трамп – најпрестижниот Одбор на лидери. 

Доналд Трамп претседател на САД - Почитуван премиере Карни:

Ве молам, дозволете, ова писмо да послужи како потврда дека Одборот за мир ја повлекува својата покана до вас во врска со приклучувањето на Канада кон, она што ќе биде, најпрестижниот Одбор на лидери некогаш собран, во кое било време.

Ви благодарам за вашето внимание на ова прашање!

Од официјална Отава засега нема коментар за новата одлука на Доналд Трамп.  Канада, во последните денови порачуваше дека нема намера да плати членарина од една милијарда американски долари – сумата која Трамп ја бара за постојаните членки.

Марк Карни, учеството на СЕФ во Давос го заокружи и со говор, кој беше оценет како импресивен, но и со пораки индиректно упатени до официјален Вашингтон. 

Марк Карни премиер на Канада : Се чини дека секој ден се потсетуваме дека живееме во ера на ривалство помеѓу големите сили. Дека поредокот заснован на правила избледува. Дека силните можат да прават што сакаат, а слабите мора да трпат она што мораат. 

Трамп на ова му врати : Канада постои благодарејќи на Соединетите Американски Држави, запомни го тоа, Марк, следниот пат кога ќе се огласиш. 

Дипломатските стрели не застанаа тука, а премиерот Карни му одговори на Доналд Трамп дека Канада не живее поради САД и дека напредува затоа што се Канаѓани. 

Претходно, пред слетувањето на американскиот претседател на Швајцарските Aлпи, Трамп објави и монтирана фотографија од неговиот кабинет во друштво на европските лидери - покажувајки кон мапа каде Канада, Гренланд и Венецуела се покриени со американското знаме. 

Трамп вчера со церемонија во Давос го стартуваше Одборот за мир и предизвика лавина реакции  дека може да стане паралелна структура на ОН и да го поткопа  меѓународниот поредок. Германија и Италија засега се воздржани, Франција , Велика Британија, Шпанија и Данска одбија учество. Македонија пак, досега - нема добиено покана да стане дел од избраните земји на Доналд Трамп.