Трамп го отфрли одговорот од Иран
Американскиот претседател Доналд Трамп го отфрли иранскиот одговор на американскиот предлог за завршување на војната, оценувајќи го како „целосно неприфатлив“. Техеран одговорот на најновиот предлог на САД го испратил преку посредници од Пакистан, со цел да се стави крај на, како што навеле, воената агресија врз Иран.
Иранската страна, според западни медиуми, во текстот ја нагласила потребата од укинување на американските санкции, прекин на поморската блокада на САД на Ормускиот теснец, по потпишување на првичен договор за разбирање и итно завршување на војната, со гаранции дека САД нема повторно да ја нападнат земјата. Кратко по објавите на медиумите, Трамп се огласи на неговата социјална платформа, наведувајќи дека тоа што го прочитал е целосно неприфтливо.
Доналд Трамп Трутх социал
„Тукушто го прочитав одговорот од т.н. претставници на Иран. Не ми се допаѓа, целосно е неприфатлив“.
Портпаролот на иранското Министерство за надворешни работи, Есмаил Багаи, изјави дека регионалната стабилност и безбедност се „нарушени“, откако Трамп го отфрли одговорот на Техеран. Тој рече дека САД сè уште имаат „неразумни барања“, додавајќи дека одговорот на Иран на предлогот на Доналд Трамп, кој Техеран го испрати преку Пакистан во вторник, „не бил претеран“. Тој рече дека Иран ќе одговори воено доколку биде принуден да го стори тоа, но исто така ќе ја искористи секоја можност за дипломатски решавање на споровите.
Есмаил Багаи – портпарол на иранското МНР
„Секогаш кога ќе бидеме принудени да се бориме, ќе се бориме и секогаш кога ќе има простор за дипломатија, ќе ја искористиме таа можност. Сепак, дипломатијата има свои правила. Одлуката ќе се базира на нашите национални интереси, а Иран покажа дека сме посветени на заштитата на интересите на нашиот народ“.
За потсетување, САД пред една недела, преку пакистанските посредници, испратија мировен предлог до Техеран, кој, како што објавија медиумите, се состои од меморадум за разбирање од една страница и 14 точки, во кој, меѓу другото, се предлага отворање на Ормускиот теснец, како и рамка за натамошни разговори за нуклеарната програма на Иран.
Барањата на САД за нуклеарните разговори наводно вкклучувале мораториум за иранската нуклеарна програма за збогатување ураниум до 20 години, пренесување на збогатениот ураниум во трета земја, евентуално во САД и демонтирање на иранските нуклеарни постројки. Според американскиот весник „Волстрит журнал“, иранскиот контрапредлог содржел пократок мораториум, извоз на дел од залихите на збогатениот ураиум, додека во однос на постројките Техеран одбил било какво нивно демонтирање.
Во меѓувреме, барел сурова нафта од типот „Брент“ поскапе за околу четири проценти, откако повторно ослабнаа надежите за мирно решавање на кризата меѓу Иран и САД. Цената на нафтата сега се движи околу 105 долари за барел, што е највисоко ниво од средината на минатата недела.

