Трамп ги повика Израел и Хамас на брза согласност за мировниот план

Американскиот претседател Доналд Трамп ги повика Израел и Хамас да се придвижат напред со американскиот мировен план за Газа, додека делегации од трите страни патуваат во Каиро со цел да постигнат договор за прекин на речиси двегодишниот конфликт, објави Си-Ен-Ен.

Според Трамп, Израел се согласил на првична линија на повлекување, а примирјето би стапило на сила „веднаш“ доколку Хамас даде целосна согласност. „Нема да толерирам одложување“, напиша тој на социјалните мрежи.

Хамас соопшти дека е подготвен да влезе во преговори за ослободување на сите заложници, но не ја прифати безусловно целата содржина на планот. Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху изрази надеж дека сите заложници ќе бидат ослободени во наредните денови, а претседателот Ицхак Херцог даде „целосна поддршка“ на преговорите.

Сепак, дел од тврдокорните партнери во израелската владејачка коалиција остро се противат на предлогот. Министерот за национална безбедност, Итамар Бен Гвир, го нарече планот „национален пораз“.

Израел ќе биде претставуван од министерот за стратешки прашања Рон Дермер, близок соработник на Нетанјаху, кој ќе ја води делегацијата составена од воени и безбедносни експерти, вклучително и Гал Хирш (координатор за заложници), генерал-мајорот Ницан Алон и претставник од Шин Бет.