Трамп: Блокада на поморскиот сообраќај на Ормутскиот теснец
Блокада на целиот поморски сообраќај што влегува или излегува од иранските пристаништа во Персискиот Залив и Оманскиот Залив е најновата мерка на Доналд Трамп, откако пропадна првата рунда мировни преговори меѓу САД и Иран.
Првиот човек на Соединетите Американски Држави, преку објава на „Truth Social“, ги најави блокадите, испраќајќи закана дека сите бродови кои ќе пловат без знаење на САД ќе бидат уништени. Блокадата, која започна во 10 часот наутро по источно време, не важи само за бродовите што пловат под иранско знаме, туку и за сите бродови од трети земји што плаќаат патарина на Техеран.
Доналд Трамп – претседател на САД
„Не можеме да дозволиме една држава да го уценува целиот свет, тоа што го прават е навистина тешка уцена а ние нема да го дозволиме тоа. Утрово добив повик од вистински луѓе со авторитет и тие сакаат мир“ објави Трамп.
Не изостана реакција ниту од Техеран. Оттаму одговорија на заканите на Трамп дека американските бродови кои ќе се обидат да ги блокираат иранските пристаништа ќе бидат испратени на дното на морето. Техеран тврди дека ваквите активности претставуваат еднакво на пиратство.
Ебрахим Золфагари, ирански воен офицер и портпарол на Централниот штаб
„Криминалните американски рестрикции на поморскиот сообраќај низ меѓународни води се нелегални и претставуваат класичен пример на пиратство. Воените сили на Исламската Република Иран експлицитно ќе ја осигураат безбедноста во Персискиот Залив и водите на Оман за сите пловила, во спротивно тие води ќе бидат целосно затворени. Како Исламска Република Иран ви гарантираме дека доколку дојде до било каков непредвиден инцидент од страна на САД, ќе има сериозни последици“, изјави Золфагари.
Сценаријата кои ги најавуваат САД, според Меѓународната агенција за енергија, претставуваат сериозна закана за енергетската безбедност и можно прекинување на протокот на енергенси кон повеќе земји.
„Нарушувањата во поморските операции во регионот предизвикаа постојана загриженост за регионалните текови на снабдување, додека силната куповна активност на барели за итна испорака на спот-пазарот, кратењата на производството и прогласувањето виша сила дополнително го поддржаа нагорниот тренд на цените“, соопшти ОПЕК.
Инаку, сè погласни се најавите дека делегации на САД и Иран ќе одржат втора рунда разговори, а како можни локации повторно се споменуваат Исламабад, но и Турција и Египет, а според последните информации, до сега најмалку 4 бродови ја поминале т.н блокада на САД.

