Трајанов во СТУДИО 10: ДС не би учествувал во влада со СДСМ и ДУИ оти штетите што ги направија се огромни

Парламентот треба да биде највисокиот дом на демократијата каде што се носат закони и стратегии за државата. Процесот за подготовка на Деловникот трае подолго и се постигнаа согласност. Јас лично имав против и сметав дека филибастерингот треба да остане но само за ситуации кои се однесуваат на државни прашања. Јас бев за тоа секој пратеник да има можност кога станува збор за важни прашања за државата да може да блокира, но за тоа немаше клима и мнозинството се согласија со сегашната верзија, вели пратеникот и лидер на Демократски сојуз Павле Трајанов во СТУДИО 10 на ТВ 24.

- Стратегијата на дејствување на Левица е нивна работа и тие одлучуваат како ќе дејствуваат. Стратегиите за настапи се различни, некои тоа ќе го одобрат некои нема, вели Трајанов и додава дека ништо не е вечно па и Деловникот може повторно да се промени ако нешто не дејствува во пракса.

Трајанов во врска со терминот за изборите вели дека иницијативата да се одржат заедни претседателските и парламентарните потекна од опозицијата, а кога ДУИ како партија од власта ја промени одлуката и се согласи, се согласи и СДСМ. Според Трајанов, изборите треба да се организираат малку порано и тоа е битно за претседателските избори оти на актуелниот претседател мандатот му трае до 12 мај а може да има и втор круг избори на 16 мај. Поради ова, вели Трајанов, ние ќе имаме еден кус период без претседател па предлага малку порано да се одржат изборите со што вториот круг претседателски избори и парламентарните избори ќе се одржат во ист ден.

- Проценките сега се дека СДСМ и ДУИ немаат доволно гласови да изберат претседател, оти околу 200 илјади гласови се малку, што значи дека предност има кандидатот на опозицијата, вели Трајанов.

Сегашната состојба е тоа што ДУИ ја контролира владата оти СДСМ за да формира влада мораше да направи големи отстапки кои не соодветствуваат со уставно определената застапеност, смета Трајанов.

- Ние не би учествувале во влада во која ќе учествуваат СДСМ и ДУИ оти штетите што ги направија се огромни, вели Трајанов додавајќи дека не можат тие да бидат носители на промени во државата. 

Според Трајанов, повеќе од јасно е дека сегашната власт ќе ги загуби и претседателските и парламентарните избори оти граѓаните се незадоволни затоа што системот не функционира.