Трајан Гоцевски: Ова е многу трагично време, Европа е соочена со неизвесност како пред 30 години

Оваа е многу трагично време. Како и пред 30-тина години, денес Европа и светот повторно влегоа во период на голема неизвесност, вели првиот министер за одбрана на независна Македонија Трајан Гоцевски во интервју за МИА.

- Имаме војна во Европа. Имаме закани и ризици од највисок степен. Имаме потенцијал за употреба и на нуклеарно оружје како еден од најголемите апсурди во новото време кое го живееме. Сѐ уште ја имаме пандемијата, која покрај здравствената криза имаше и економски и социјални последици. Сега со руската агресија врз Украина, безбедносната состојба стана истовремено и економска и бегалска и хуманитарна и енергетска криза, коментира Гоцевски.

Тој заклучува дека сегашната состојба е многу сложена во секој поглед.

- Ние во нашата понова историја сме носеле многу стратешки одлуки. Тие биле и тешки и ризични. Една од нив беше и одлуката за формирањето на АРМ. Најдобрите одлуки зад која повеќе од три децении стои широк натпартиски и општествен консензус е формирањето на АРМ и истрајноста во нашата европска и евроатлантска ориентација и стратешкото партнерство со САД, коментира Гоцевски во интервјуто по повод јубилејот на АРМ.

Токму во овој период на огромни геополитички тензии и воени конфликти, се покажа колку е потребна кредибилна Армија и членството во НАТО, што денес претставува важен стабилизирачки фактор за Република Северна Македонија, смета Гоцевски.

- Денес како членка на НАТО помагаме во одбраната  на демократските вредности на слободниот свет, мирот и стабилноста. Подготвени сме да не дозволиме никакви индиректни влијанија, уште помалку директно инволвирање на трети страни кај нас и на тој план сме решени да истраеме. Кога претходно Македонија можела да го прави тоа?, коментира првиот министер за одбрана.

Гоцевски додава дека во споредба со почетоците, денес имаме бројно помала, но борбено далеку поефикасна и професионална Армија, која е многу подобро опремена и подготвена да се справува со новите закани и со асиметрични и хибридни закани на 21 век.

Според него, и класичните традиционални воени закани остануваат присутни, меѓутоа, новото време носи и нови безбедносни предизвици кои не смееме да ги игнорираме.

- Свесни сме каква опасност се дезинформациите, лажните вести и политичката пропаганда која има за цел да ја дестабилизира демократијата како систем. За да бидеме подготвени  за соочување и со традиционалните и со новите закани треба да продолжиме да инвестираме во одбраната и во системот за национална безбедност како целина,истакнува Гоцевски.

Тој сугерира дека како држава треба да продолжиме со реформите во одбраната, со модернизација и опремување и со јакнењето на нашиот безбедносен систем, кој особено треба да биде отпорен на хибридните и кибер заканите и борбата со лажните вести и дезинформации. Исто така, треба да продолжиме и да придонесуваме кон колективната безбедност и одбрана со учество во мисии на мирот, заедно со нашите сојузници од НАТО, додава Гоцевски.