Трагедија го засени Вевчанскиот карневал

Тага во Вевчани по трагичната сообраќајна несреќа во која синоќа животот го изгуби деветнаесетгодишно момче, син на експратеникот Крсто Мукоски. Во молк и без еуфорија денеска се одржа традиционалното дефиле на Вевчанскиот карневал.

Вевчанци сведочат дека ваква трагедија на овој ден не паметат. 

„Голема загуба баш на овој ден и сами забележавте каков е маскенбалот, само заради гостите се одржа инаку на никој не му се маскираше, ниту сакаа да присуствуваат“... 

Општинските власти ги откажаа сите забавни настани на карневалот. Дел од рестораните нема да работат, а друг дел ќе работат но без музика. 

„Вевчани овој ден го чека цела година, но не на ваков начин како што се случи оваа година. Имавме средба со Василичарските друштво, традицијата ќе продолжи, дефилето ќе се одржи во минимална состојба. Кој ќе учествува не можеме да кажеме и да влијаеме. Вака никогаш не било. Досега маскирано лице не забележавме на улица, без музика ќе работат и рестораните.“ - вели Спасе Кочовски градоначалник на Вевчани.

Сочувство до семејството изрази министерката за култура.

„Не го препознавам Вевчани вакво, навистина ми е жал за целиот овој настан. Денеска дојдов тука за заедно со градоначалникот да видиме што ќе се случува бидејќи целата ситуација е неизвесна. Тоа што ќе одлучат граѓаните на Вевчани денеска да се случува, тоа и ќе се случува. Наредната година традицијата ќе продолжи понатаму.“ - изјави Бисера Костадинова Стојчевска министерка за култура.

Денеска во Вевчани беше и лидерот на ВМРО-ДПМНЕ кој исто така изрази сочувство до семејството.

„Очекувам успешен ден и покрај тоа што го изразувам моето најискрено сочувство за инцидентот којшто се случи во раните утрински часови овде во Вевчани, посакувам денот да помине во добро расположение.“ - рече Мицкоски. 

Од охридската полиција информираа дека несреќата се случила доцна синоќа, еден час по полноќ. Возилото излетало од регионалниот пат кон Вевчани, во близина на село Подгорци, струшко, а момчето загинало на самото место на несреќата.