Тошковски во 24 Отворено: Очекувам обвинителството да преземе чекор во решавање на случајот во кој полициски службеници даваа незаконски дозволи за оружје

Министерот за внатрешни работи, Панче Тошковски во Отворено рече дека очекува Основното јавно обвинителство за брзо време да даде информации за предметот со кој беше откриено дека околу 20 полициски службеници незаконски издавале дозволи за оружје. Според него иако во последно време Јавните обвинителства даваат позитивни резултати и имаат добра соработка, потребно е сите случаи да добиваат ист третман.

„За овој случај неколку пати сме барале и сме се интересирале до каде е постапката и дали е преземено нешто, но досега немаме никакви инфомрации. Овој случај таргетира службеници за кои имаме индиции дека незаконски работеле и како последица на нивната незаконска работа повеќе од 5000 предмети стоеле во фиока и исто така на лица кои биле барани со потерница им биле давани дозвола за оружје“, рече Тошковски во гостување на 24 тв. и додаде дека доколку од обвинителството нема докази потребно е да го извести Министерството.

Тој посочи и дека постапките кои не зависат од голем број на докази потребно е да се забрзаат бидејќи конкретно во овој случај, како што кажа тој, не треба да се измислува топла вода бидејќи јасно е дека има незаконски активности.