Тошковски: Немаме информација каде се наоѓа Артан Груби
Ниту трага од домашните власти и партерските служби за екс вицепремиерот Артан Груби за случајот „Државна лотарија“, криминал тежок 8 милиони евра. Нешто повеќе од еден месец Груби не е во земјава и е на листата на бегалци, иако на социјалните мрежи напиша дека нема намера да бега, но и покрај тој став тој се' уште недостапен за органите на прогонот. Земјава ја напушти со дипломатско возило и не бил запрен од граничните служби. Министерот за внатрешни работи Панче Тошковски во гостување во „Отворено“, кажа дека немаат официјални информации поврзани со Артан Груби.
Панче Тошковски-министер за внатрешни работи:
„Сега за сега немаме официјална информација ниту каде е предметното лице, ниту дека е достапно на било кои наши партнерски служби, во соседството и подалеку. Јас сум министер за внатрешни работи и не можам да шпекулирам на таа тема, се трудам на јавноста навремено да ги споделам сите информации, кои можам да ги споделам.“
Државниот јавен обвинител Љупчо Коцевски, пред два дена изјави дека постапката е во тек.
Љупчо Коцевски-Државен јавен обвинител:
„Во однос на Артан Груби, јавноста знае дека имам меѓународна потерница, меѓутоа јавните обвинители и понатаму преземаат дејствија во однос на постапката. Без разлика што тој е во бегство и Артан Груби и другиот осомничен, постапката и понатаму продолжува и ќе биде јавноста известена.“
Тошковски, во вчерашното гостување на Тв 24, потенцираше дека се собираат докази и за тоа дали полицискиот службеник кој бил на смена кога Груби ја напуштил државата-направил грешка од невнимание или тоа било орагнизирано од страна на одредена група која го организирала бегството. Службеникот е суспендиран од работа, а се води и истрага за тоа дали имало некаква комуникација и за каква комуникација станува збор. Артан Гурби како еден од фронтмените на ДУИ и како вицепремер беше еден од најчесто критикуваните функционери од страна на тогашаната опозициска ВМРО-ДПМНЕ , која изнесуваше обвинувања за негова поврзаност со криминалот. Освен Груби недостапни за органите на прогонот се и Перпарим Бајрами, директорот на Лотарија и Васко Ковачевски поранешен директор на ЕСМ.