„Топлина“ доби тендер од над милион евра во четири очи за ископ на јаглен

На државните електрани им требаат државни пари сега, за да се зачува енергетскиот сектор. Потоа таа практика на буџетско сувбенционирање треба да се напушти и со кредити да се инвестира во нови капацитети, сметаат дел од енергетските експери во земјава, откако новата Влада го напушти моделот на нивните претходници и го остави ЕСМ да ги покрива своите загуби и да купува струја со пари од комерцијални кредити.

Според поранешниот директор за развој во ЕСМ Виктор Андонов, државата на краток рок треба да помогне, но е против догорочно субвенционирање. И ММФ и странските кредитори се против државни субвенции, за струја произведена од јаглен кој загадува, објаснува тој.

„Имајќи ги во предвид предизвиците со кој се соочува енергетскиот сектор, посебно ЕСМ како носител за сигурноста во снабдување кон граѓаните, финансиската подршка од Владата е неопходна на краток рок. На среден рок, потребно е креирање на мерки за подршка на ранливите категории и оптимизирање на работата на ЕСМ и нови инвестиции со поволни кредити.“

За набавка на струја во последните три месеци ЕСМ потроши близи 48 милиони евра за да обезбеди една третина од потребната електрична енергија во земјава. Поради застарените постројки и чести дефекти, домашните капацитети покриваат само две третини од вкупната побарувачка. Но, за да нема поскапување на струјата за граѓаните, и таа која ја произведуваат, домашните електрани ја продаваат на ЕВН речиси двојно поевтино, па оттука се и загубите кои ги прават. Професорот Константин Димитров, верува дека целта на Владата е со недавањето пари на ЕСМ, да ги стегне вработените во целото државно електростопанство, со внатрешните резерви, да ги покријат сите загуби што им се појавуваат.

За покривање на загубите, минатиот месец ЕСМ зема кредит од 82 милиони евра од комерцијалните банки, а се задолжи со дополнителни 55 милиони евра кај германска банка, пари кои ќе се инвестират во обновливи извори на енергија. Во меѓувреме, државните електрани привремено ангажираат фирма која ќе врши ископ на јаглен за РЕК Битола, која не е избрана на тендер, туку во постапка со преговарање во случај на крајна итност.

Од ЕСМ велат дека тоа е законски и за постапката добиле согласност од Бирото за јавни набавки. Биле поканети пет компании кои во последните пет години редовно учествувале на тендерите, а најниска цена понудила фирмата  „Топлина“. Таа ќе работи за околу 15 отсто пониска цена во однос на Марковски компани, чиј договор беше еднострано прекинат, заради непочитување на одредбите.