„ТОПЛИФИКАЦИЈА“: СКАНДАЛОЗНА Е ДРЖАВНА ПОМОШ ЗА КОМАНИЈАТА „ТЕ–ТО“ КОЈА ПРИКАЖУВА НАЈГОЛЕМА ДОБИВКА ВО ДРЖАВАТА
Foto

„ТОПЛИФИКАЦИЈА“: СКАНДАЛОЗНА Е ДРЖАВНА ПОМОШ ЗА КОМАНИЈАТА „ТЕ–ТО“ КОЈА ПРИКАЖУВА НАЈГОЛЕМА ДОБИВКА ВО ДРЖАВАТА

Владата и доделила државна помош на приватната компанија „ТЕ-ТО“, која е под истрага за перење пари и лажен стечај, затоа што произведувала електрична енергија од природен гас, што не загадува и придонесувала за поголем БДП на државата. Со вакво објаснување Владата денеска се обиде да објасни зошто го одобрила барањето на „ТЕ-ТО“ за државна помош, но не го коментира фактот што државната помош ја дава на компанија за која Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција води истрага откако во јуни годинава Финансиката полиција поднесе кривична пријава за сомнеж за лажен стечај, злупотреба на службена положба и овластување, но и перење пари во Македонија од трансакции за кои во Русија се водат истраги за криминал. Сомнежите се дека преку „ТЕ-ТО“ се испрани над 100 милиони евра.

„Во интерес на државата е објектот да работи без запирање. Согласно Законот за државна помош Владата донесе одлука за одложување на плаќањето на даночниот долг.“ - велат од Владата.

Ваквата одлука е скандалозна реагираат од Топлификација, која е акционер во „ТЕ-ТО“, но ја обвини за лажен стечај. Гасната централа во моментов е најголем должник во државата поради неплатен данок на добивка од над 16 милиони евра.

Од „ТЕ-ТО“ велат дека ги плаќаат сите даноци од оперативното работење, но не го споменуваат долгот од данокот на добивка, кој ги исфрли на првото место на должници на УЈП.

„Компанијата бара подршка од државата, согласно законите, која не се состои во доделување парични средства и процесот се уште не е завршен. „ТЕ-ТО“ AД не доби никакви парични средства од државата“ - велат од „ТЕ-ТО“.

И од УЈП не даваат детали околу долгот и евентуалната наплата на данокот. За нив тоа е даночна тајна.

Долгот е наталожен и покрај тоа што ТЕ-ТО беше во стечај. Во планот за реорганизација компанија направила отпис на побарувањата од над 150 милиони евра кои потоа беа прокнижени како добивка.

0 Коментари

Остави коментари