Тони Михајловски е добитник на годинашната актерска награда „Петре Прличко“

Тони Михајлоски е добитник на годинашната награда за животно дело „Петре Прличко“, за актери од средната генерација како што пишува во  конкурсот, која ја доделуваат Општина Велес и велешкиот театар „Јордан Хаџи Константинов Џинот“.

Одлуката на прес конференција ја објави тричленото жири, во состав  Слободанка Чичевска, Фаик Мефаилоски и Благојчо Стојанов, сите актери од велешки театар. Тие потенцира дека Михајловски повеќе од 30 години е дел од македонската култура и уметност, прифатен поради неговата карактеристичност и посветеност.

„Тони Михајловски е пред се актер, но и режисер, текстописец, тв водител. Преку сите овие области тој се етаблира во една од најсестраните личности во македонската култура и уметност, остварувајќи автентични, препознатливи изведби забележани од публиката и критиката. Преку остварените ликови тој испишува голем дел од историјата на театарот. Михајловски е актер кој вредно и трпеливо ја гради својата кариера и прерасна во еден од најдоминантните појави не само на Македонската, туку и на Балканската театарска и филмска сцена. Тони е еден до ретките наши актери, чиј широк актерски распон е препознаен и вреднуван и надвор од домашната продукција“ - кажа Чичевска.