„ТНТ“ СО ЖЕСТОКИ КРИТИКИ СЕ ВОДИ НАДВОР ОД СУДНИЦА
Поротничката Лилјана Ивановска Кочковска попушти под притисокот. Си поднела оставка поради закани по живот. Но, откако претседателот на Кривичен и понудил заштита, се предомислила и останува на работа, се до официјализирање на пензиските денови во Судскиот совет. За притисок го вперуваат прстот кон адвокатот Јовица Страшевски кој знаел за оставката поротничката.
- Зачудува фактот како адвокатот кој официјално е на одмор и неможе да се појавува на закажани судења, денеска повторно продолжува со прозивки и притисоци? Како и од каде адвокатот би знаел какви дописи се доставуаат до судот, од други лица, кога истите се доставуаат само до приемното одделение? Како се дозволува некој и понатаму да влијае на судиите и судиите – поротниции надвор од судница. - Кривичен суд.
Препукувањата на релација Страшевски-Кривичен суд стигнаа и до адвокатската комора, во форма на дисциплинска постапка за адвокатот. Судот бара да се испита дали ја злоупотребил положбата на странка во постапката и врши притисок врз судиите преку отворени писма. Во телефонски разговор за ТВ24 Страшевски негира политичка позадина, иако во истовреме потврдува дека е член на опозициската ВМРО-ДПМНЕ.
- Јас сум од ВМРО-ДПМНЕ, но гарантирам дека во мојата одбрана во овој случај нема никаква политичка позадина. Со Тони Трајковски лично се познавам, нема политичка заднина. Не сум политички активен во моментот иако сум ВМРО-ДПМНЕ. Иако сценаријата на Кривичен суд се јасни, за мојата струка за која положив заклетва , ќе се борам за доследна примена и владеење на правото во овој слулчај. И самите видовме дека на мојот прес пред Судскиот совет, ВМРО-ДПМНЕ , мојата политичка партија закажа паралелно прес конференција, што укажува дека немаме никаква координација, ниту имам намера за правни работи да се консултирам.
Писмата се само укажувања на некои законски одредби и прописи кои се важечки во моментот во РМ, порачува Страшевски.
На иста линија со Страшевски за пензионирањето на поротничката е и адвокатот Мерџан Даути. Најавува дека ќе бара одговорност од првиот човек на Судски совет, кој не закажува итна седница за да констатира дека и истекол 4 годишниот мандат на поротничката. Тој беше ангажиран кон крајот на процесот од градежната инспекторка Елисавета Најдовска, која е обвинета во ТНТ. Не се откажува од барањето се да му биде преведено на албански јазик.
Следно соочување на аргументите во судница се очекува во понеделник. Тогаш е закажано судењето, за кое адвокатот Страшевски тврди дека нема добиено покана и го известил судот дека е на одмор од 8 до 17 јануари. Процесот за уривањето на Космос, во кој оштетен е Фиат Цаноски е пред пресуда. По речиси две години постапка стигна во фаза на завршни зборови, а последните две рочишта беа одложени поради отсуството на Тони Трајковски, поранешниот градоначалник на Гази Баба кој бил претепан поради кавга за куче.