Тлото се тресе, серија земјотреси во Битола и Скопје, штетите се бројат
Четири дена по силниот земјотрес во близина на Битола, тлото во земјава се уште не се смирува. Во четири часот утрово нов потрес со магнитуда од 3.7 степени според рихтеровата скала почувствуван во регионот меѓу Битола и Лерин а со епицентарот во соседна Грција.
Потрес со интензитет од три до четири степени според Европската макросеизмичка скала утринава е пријавен и во Скопје. Епицентарот бил во близина на главниот град, на длабочина од 10 километри и со интензитет од 2,6 степени по Рихтер. За експертите ваквите потреси се очекувани и нема простор за паника.
Најмногу штета се забележува кај повисоките згради и постарите објекти. Од јавните објекти пријавени се оштетувања во една градинка, училиште и во болницата во Битола.
„Градинката мора под итно да се реновира затоа што не е во функција. Значи сите оние што се витални за нормално функционирање на градот да се стават во функција а она што значи обештетување на граѓаните тоа законски треба во рок од 360 дена комисијата да поднесе извештај.“
Од општина Битола веќе доставија барање до владата за помош иако се уште не се знае колкава штета е настаната. За само еден ден поднесени се околу 100 барања за проценка ...
„Комисијата активно работи и доколку има голем наплив ние сме спремни и втора комисија да формираме.“ - вели Тони Коњановски градоначалник на Битола.
Според професорот од Техничкиот факултет во Битола, Дејан Трајковски, ослободената енергија од првиот земјотрес кој го погоди регионот меѓу Битола и Лерин во неделата е еднаква на 2.700 тони експлозив.
А после првичниот потрес кој беше со јачина од 5.5 степени по рихтер, и во изминативе неколку дена серија земјотреси беа регистрирани во регионот. Вчера, јужниот дел од државата беше погоден од два потреси со јачина поголема од 4 степени. Првиот, со интензитет од 4,5 степени според Рихтер додека пак вториот, кој се случи нешто после 18 часот, имаше сила од 4 степени.