Тешко се доаѓа до вакцини за сезонски грип
Хронично болни и пензионери, кои спаѓаат во најризичната група се уште не примиле вакцина против сезонскиот грип. Среде ноември, во ек на епидемија, но и сезона на настинки и вирози, граѓаните и натаму не можат да дојдат до термини.
Голем број на поплаки стигнаа до редакцијата на ТВ 24 по прес конференцијата на министерот за здравство на која тој тврди дека има и термини и вакцини.
„Слушајќи ја прес конференцијата на господинот Филипче дека вакцини има доволно јас ќе го демантирам и ќе речам дека нема. И покрај тоа што имам повеќе хронични болести ,а сум на возраст од 71 година, вакцина се уште немам примено. Седам дома се плашам да не се зарзам. Се обратив и до јавно здравје каде што побарав да си платам вакцина за да можам да се заштитам и од таму ми кажаа дека добиле 2 000 вакцини, се прашувам каде завршија тие вакцини? Слушам дека вакцините поголемиот дел завршиле под рака.“ - вели Слободан Арсовски - пензионер.
Министерот Филипче пак тврди дека има точно направен распоред за вакцинирање за да не се создаваат гужви во амбулантите, а дека термините рамномерно се делеле и на матичните лекари.
„Во повеќе пунктови во Скопје во здравствените домови ширум државата, значи 10 минути, за да нема гужва да не се создава конгестија и поголеми групи на луѓе. Затоа има направено соодветен распоред за секоја недела, за во континуитет без гужви да се спроведе целокупното вакцинирање. Ја проверивме поплаката дека само некои матични лекари имаат пристап до термините, но таа не е точно. Еднакво се делат термините врз основа на бројот на матични лекари во соодветната општина.“ - изјави Филипче.
Но ваквите тврдења на министерот ги демантираат и самите матични лекари. Дел од нив за ТВ 24 велат дека не можат да уловат термини за своите пациенти, а исто така се зачудени што наместо порано, дури сега се одвива вакцинацијата против гирпот.
„Нешто чудно се случува. Кога ќе се појават термините во рок од две минути ги снемува. Некој фатил 70 термини некој ич. Значи ние дали да лекуваме пациенти или да ловиме термини и да играме брзи прсти?! Секој матичен доктор има направено списоци од прилика имаме по 60 хронични пациенти кои сакаат да се вакцинираат, секогаш се вакцинирало во октомври а веќе е ноември и не би требало да има вакцинации за грип кога ќе се создава тој имунитет?“ - изјави д-р Лилија Чолакова Дервишова - матичен лекар.
Наместо кон крајот на октомври како што првично беше најавено сезонската вакцинација против грип годинава и покрај епидемијата со вирусот, доцнеше цели две недели и започна на средината од ноември.
Министерството набави 40 000 бесплатни за ризичните граѓани и уште 4 000 комерцијални од кои 2 000 беа експресно потрошени уште на првиот ден од вакцинацијата. Дополнително годинава комерцијалната вакцина центарот за здравје ја наплаќа и поскапо во споредба со лани и истата изнесува 800 денари.