Тензиите растат - Џамбаски со индиректна „закана“ за атентат на Пендаровски

Бугарскиот европратеник Ангел Џамбаски потврди дека на Февруари ќе дојде во Скопје за да му се поклони како што вели на бугарскиот револуционер Гоце Делчев.

На повиците на претседателот Пендаровски да му се забрани влез на Џамбаски во државата, бугарскиот националист одговори со индиректна закана порачувајќи му на претседателот како завршил некогашниот југословенски крал Александар Караѓорѓевиќ.

- Што претставува за нас една таква забрана? Да му порачам на Стево Пендаровски, наречен Стево Коминтерната и дека во минатото и други се обидувале да им забранат влез на лидери на ВМРО во Македонија, а последниот таков пример е со југословенскиот, со српскиот крал Александар Караѓорѓевиќ. Ако се обидат да ми забранат влез во Македонија нека погледнат во историјата и нека учат од неа. - изјави Џамбаски.

Премиерот Ковачевски кој и самиот беше на седницата на советот за безбедност на претседателот Пендаровски потоа на седница на влада ги одби заклучоците на истиот совет. Зошто владата реши да не го послуша советот за безбедност и да не ги стави на црни листи бугарските националисти премиерот Ковачевски денеска не одговара. Понатаму тој ја пренесува одговорноста на министерот Спасовски.

Министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски исто така не кажува дали Џамбаски ќе биде вратен од граница а министерот за надворешни работи Бујар Османи пак одговори на критиките зошто излегол со став пред истрагата за етнички мотиви во нападот врз Пендиков.

И додека бугарските националисти најавуваат доаѓање на гробот на Гоце Делчев на 4 Февруари, претедателот на патриотскиот институт на ВМРО-ДПМНЕ Александар Пандов најави дека дојденците пред црквата Свети Спас ќе ги дочека народ. Воочи празникот, според неофицијални информации на ТВ24 Македонија и Бугарија сепак соработуваат во обидите за намалување на тензиите, а таква координација на безбедносните служби ќе постои и за 4 Февруари.