Тензиите по протестите за сејф сити добиваат нов епилог

Независниот синдикат на полицијата поднесе кривична пријава до Основното јавно обвинителство Битола против две лица поради сериозни закани упатени кон полициски службеници за време на протестите одржани неодамна во Битола.

Според пријавата, лицата упатиле директни закани по животот и безбедноста на полицајците, најавувајќи насилство доколку органите на редот се обидат да ги спроведат законските овластувања и да им ги одземат возилата.

Од синдикатот бараат итна реакција од Обвинителството, лицата да бидат повикани како осомничени и да се предложи мерка притвор, со цел да се спречи повторување на делото или реализација на најавените закани.

,,Едно од лицата, Ф.М., јавно изјавил дека со децении управува возило без возачка дозвола и се заканил со физичка пресметка и ликвидација доколку му биде одземено возилото. Вториот пријавен, Р.М., упатил вулгарни и експлицитни закани кон полицијата, најавувајќи насилни дејствија."- стои во пријавата.

Посочените лица пак веќе јавно се извинија за заканите што ги упатиле, велејќи дека „направиле грешка“ и дека  нема да се повтори.

За полагање возачки испит е потребно најмалку завршено основно образование вели Министерката за образование и наука Весна Јаневска но проблемот е во тоа што децата роми се запишуваат на училиште но дел или воопшто не го посетуваат или напуштаат. 

Во меѓувреме на територијата на државава во текот на вчерашниот ден фатени се 11 возачи кои управувале возила без возачка дозвола и со активна забрана за управување моторно возило,од нив двајца се малолетници, ќе им бидат поднесени кривични пријави.