Тензии во Белорусија по изборите
Foto

Тензии во Белорусија по изборите

Убедливата победа на претседателските избори на Александар Лукашенко но и сомнежите за изборни нерегуларности, ги извади на улица жителите на Белорусија.

Најсериозна е ситуацијата во Минск, каде демонстрантите фрлаа факели и камења кон полицијата која пак возврати со солзавец и водени топови. Според локалните организации за човекови права, во Минск загинал еден демонстрант откако бил прегазен од полициско возило.

Околу 3000 лица завршија во притвор а десетици се повредени. Голем број на припадници на полицијата го блокираа центарот на градот, а биле поставени контролни пунктови околу Минск со цел да го спречи влезот на демонстранти од другите градови. 

Од Националната Изборна Комисија , доцна синоќа соопштија дека за Александар Лукашенко гласале 81,35 проценти од жителите и дека освоил нов, шести мандат како претседател на Белорусија.

На второ место е Светлана Тихановскаја, за која гласале осум проценти од избирачите. Веднаш по објавувањето на првичните бројки, Тихановскаја изјави дека не ги признава резултатите. Нејзините соработници тврдат дека според нивните резултати, таа добила повеќе од 80 проценти од гласовите.

„Верувам во сопствените очи. Мнозинството е со нас.“ - изјави Светлана Тихановскаја.

Лукашенко пак предупреди дека нема да дозволи никој да го наруши интегритетот на државата и вети дека ќе го задуши секој обид за протест. Белорускиот претседател обвини дека Полска, Велика Британија и Чешка стојат зад протестите во Минск и другите градови низ земјата.

„Откривме повици од странство и како поранешен разузнавач го знаете тоа. Повиците дојдоа од Полска, Велика Британија и Чешка за контрола, извинете на изразот, на овците: тие не разбираат што прават и се лесни за контролирање.“  - изјави Александар Лукашенко.

Веднаш по објавувањето на официјалните резултати, рускиот претседател Владимир Путин му ја честиташе изборната победа на Лукашенко, а белорускуиот претседател честитики доби и од Кинескиот колега Си Џинпинг.

Неколку држави членки на Еу претходно ги критикуваа изборите бидејќи двајцата најголеми ривали на Лукашенко, азвршија во притвор во пресрет на изборите. Шеесет и пет годишниот Лукашенко кој го нарекуваат и „последниот европски диктатор“, на власт е од 1994 година, а странските набљудувачи проценуваат дека во Белорусија немало слободни и фери избори повеќе од 25 години.

0 Коментари

Остави коментари