Тензично на третиот ден од протестите пред Влада

Пред Владата вечерва, трет ден по ред, се одржува масовен протест на противниците на таканаречениот „француски предлог“ за решавање на спорот меѓу Скопје и Софија и почеток на преговорите на Македонија за членство во ЕУ.

Протестот што почна завчера официјално нема организатор, но е поддржан од политички партии и граѓански организации кои сметаат дека предлогот е исклучително лош за македонскиот народ и македонските национални интереси. Протестот доби поддршка и од најголемата опозициска партија ВМРО-ДПМНЕ, чиј лидер Христија Мицкоски ги повика граѓаните да се приклучат, за, како што кажа, да се одбрани тоа што се нарекува европска вредност и да се спаси процесот на преговори со Европската Унија.

- Ако мојата дијагноза е пироман, вашата дијагноза е предавничка, му порача денеска на властите пејачот Ламбе Алабаковски, кој со македонската химна го отвори денешниот протест против францускиот предлог. 

Протестот започна тензично, со фрлање јајца, тоалетна хартија и шишиња кон Владата, по што беше турната заштитната ограда. Во првите редови беа симпатизери на Левица, предводени од претседателот на партијата, Димитар Апасиев.

Демонстрантите ја пробија заштитната ограда и се обидуваат да влезат во Владата. Тие ја убедуваат полицијата да ги спушти штитовите и да ги пушти да влезат внатре. Тие извикуваатоставка, а во групата граѓани може да се забележат неколку лица кои носеа фантомки.