Тензична атмосфера на отворањето на македонскиот културен клуб „Никола Вапцаров“ во Благоевград

Вака беа пречекани македонците кои сакаа да положат цвеќе пред споменикот на Гоце Делчев во Благоевград, каде протестираа граѓаните кои се противат на отворањето на македонскиот културен клуб „Никола Вапцаров“.

Венците пак, беа поставени на плоштадот, во непосредна близина на споменикот, на неколку метри од споменикот и демонстрантите. Но навредите не изостанаа и за лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, кој беше наречен бугарски предавник.

Но, наспроти ова, отворањето на клубот „Никола Вапцаров“ помина мирно, бидејќи имаше силно полициско обезбедување и демонстрантите не можеа да се приближат до нив. Освен Мицкоски, присуствуваа и лидерот на Левица, Димитар Апасиев, како и шефот на кабинетот на претседателот Стево Пендаровски, Миле Бошњаковски.

Мицкоски на отворањето со порака - Тука сме да ги поддржиме нашите македонци во Бугарија и никој не може да не негира. Атанас Мазнов од македонскиот клуб „Никола Вапцаров“ пред медиумите посочи дека се надева оти македонското малцинство ќе ги добие своите права во Бугарија.

„Голема благодарност до сите македонци од Пиринска Македонија кои не поддржаа и ни даде сила да опстоиме во сите моменти. Вашето присуство ни дава поддршка да работиме за македонската идеја. Имаме учество на македонци од 4 држави, имаме поддршка од Европа и САД. Се надевам дека како што бугарите ќе влезат во македонскиот устав, така и македонското малцинство во Бугарија ќе ги добие своите права.“ - изјави Мазнев.

Шефот на кабинетот на претседателот, Миле Бошњаковски пак, не сакаше да даде изјава – кратко посочи дека Македонија нема никакви територијални претензии. Апасиев пак, вели за разлика од фашистичките клубови кои се отвораат во Македонија, „Никола Вапцаров“ е клуб кој носи има на антифашист и посочи дека како партија, Левица дава целосна поддршка на ваквите клубови.

Од друга страна пак, европскиот пратеник од ВМРО-БНД, партијата која го организираше протестот, Ангел Џамбаски во отворањето на клубот гледа провокација. 

„Станува збор за сериозна провокација организирана од Скопје, бидејќи тие страшно се повлекоа додека ги напаѓаа бугарските клубови во Битола и Охрид. Протестираме против собирот на активни македонски политичари со сепаратистите во Бугарија. Луѓето кои стојат зад овој клуб велат дека Бугарија е окупатор во Пиринска Македонија, дека Благоевград е македонски.“ - изјави Џамбаски.

Поддршка за отворањето на клубот „Никола Вапцаров“ испратија и од Демократскиот сојуз на Павле Трајанов, како и дел од вонпарламентарните политички партии и здруженија.