Темна дамка од излевање на нафта или масло се појави во велешкото езеро „Младост“

Мрсна дамка од утрово плива во водите на велешкото езеро Младост. Дамката ја забележале рибари, кои денеска тука ловеле риба, но и излетници, кои возмнемирени од глетката, алармираа кај новинарите.

Нечистотијата плута во водите во појасот помеѓу бродот - ресторанот и летниковците на крајбрежјето, во должина од неколку стотина метри. Риболовците алармираат дека забележале угината риба, но не можат да тврдат дека причината е загадувањето на водата.

Од општина Велес велат дека службеници од одделението за животна средина излегле на терен и констатирале дека во водите на езерото може да се забележи мрсна дамка, но тие не можат да го лоцираат загадувачот, оти општината веќе неколку месеци е без инспектор за животна средина, кој единствено има овластување да направи инспекциски надзор.