Тема во „Студио 10“: Од 7-10 јуни „ОФФест“ во Скопје

Фестивалот "ОФФест" ќе го започне своето 22. издание на 7 јуни во 20 часот со вистински спектакл - концертот на португалската музичарка Мисиа и нејзиниот состав во Националната опера и балет. Мисиа е позната како пионер и слободен дух во својот жанр и е наречена "анархист на фадото". Нејзиниот уникатен глас, театралност и авторитет секогаш ја импресионираат публиката.

- Иако фестивалот "ОФФест" првично се соочи со проблеми поради намалена финансиска поддршка од Министерството за култура, успеа да ги коригира доделените средства и ќе продолжи со настаните. Од 7 до 10 јуни, публиката може да очекува богата програма составена од осум концерти и една проекција на документарен филм. - вели Оливер Белопета - програмски директор на „ОФФест 2023“.

На 8 јуни, Мари Калкун од Естонија ќе настапи во НОБ, претставувајќи го својот медитативен и необичен звук креиран со традиционалната естонска цитра. Следува концертот на македонската уметница Зарина Првасевда, која пренесува културното наследство преку својот деби-албум "Ехо" со 11 традиционални песни на четири различни јазици.

На 9 јуни, Џастин Адамс и Мауро Дуранте ќе настапат во НОБ со својата длабока поврзаност со древната транс-музика. Во истата вечер, Крсте Роџевски, пејач, гитарист и композитор од "даунтаун" сцената во Њујорк, ќе го претстави своето ново издание "Black Earth".

Последните два концерти на 10 јуни ќе се одржат во Младинскиот културен центар. Прво, во киното "Фросина" ќе се прикаже документарниот филм "Little Blue Nothing" за музичкиот портрет на Ирена и Војтех Хавлови. Потоа, самиот дуо Хавлови ќе настапи со својот 40-годишен опит на сцената, каде што се занимаваат со различни стилови на европската класична музика.

Истата ноќ, ќе настапи "Bab L' Bluz" со нивната редефиниција на северноафриканскиот блуз. Овој марокански квартет го комбинира традиционалниот звук со рок и современи елементи.

Крајот на "ОФФест 2023" ќе биде одбележан со полноќниот концерт на Дизи Манџеку, легендата на конгоанската румба. Дизи и неговиот оркестар "African All Stars International" се почитувани во Конго и сматрани за вистински споменици на конгоанската музика.

OФФест стартуваше во 2002 година, како втор фестивал кој се издигна од долгогодишната традиција на Скопскиот џез фестивал. Идејата беше да се создаде уште еден значаен музички настан, во различен период од годината и жанровски пошироко ориентиран. Иницирањето на ОФФест се наметна како природен чин во ерата на глобализацијата, којашто резултираше со подигнување на креативноста, популарноста и свеста за таканаречената „музика на светот“ - вели Оливер.