Тема на ТВ 24: (Не)одржливост на јавниот долг

Јавниот долг на земјава негативно се одразува на граѓаните и на економијата, тврди економскиот аналитичар Абил Бауш, откако државните ревизори вчера предупредија на внимателност при управувањето со долгот. Земањето кредити треба да создава економски раст, ако парите се вложуваат во квалитетни проекти, кои ќе создаваат приходи, со кои ќе се враќаат старите долгови. Бауш вели дека има држави кои се позадолжени од Македонија, но поради доброто управување со долгот, нивните економии растат.

Владата најави нови задолжувања од една милијарда евра, но и издавање еврообврзница, но засега нема објаснување за што ќе се трошат овие пари. Во исто време, при крај се подготовките за ребаланс на буџетот, со кој се предвидени 100 милиони евра за општините, но и линеарно зголемување на пензиите. Бауш вели дека пензиите треба да се покачуваат, оти разликата меѓу минималната плата и пензија е огромна. Но, нивното зголемување треба да биде резултат на подигнување на продуктивноста, а не социјален трансфер.

Почнувајќи од идната, па во следните три години, земјава треба да исплати 2,87 милијарди евра или половина годишен буџет, за да го отплати долгот од земените четири еврообврзници кои доспеваат за плаќање. Според Министерството за финансии, јавниот долг на земјава е околу 58%, но според Државниот завод за статистика тој изнесува 62 отсто од бруто домашниот производ. Иако долгот не го надминува законскиот праг, ревизорите предупредуваат дека треба внимателно да се раководи со јавните пари.