Тема на ТВ 24: Иста цена на стан во Скопје и на Халкидики – зошто не запира поскапувањето на недвижностите?

Цените по кои се продаваат становите во Скопје се идентични како на Егејското море. Метар квадратен во централното градско подрачје во главниот град веќе надмина три илјади евра. Телевизија 24 стапи во контакт со дел од Агенциите за недвижности, кај Универзална сала наместен 96 квадратен стан се продава за фантастични 296 илјади евра. Математиката вели дека еден квадрат чини бесмалку 3100 евра. Во скопски Аеродром 88 квадратен стан се продава по цена од 225 илјади евра. Од градежниот сектор велат дека просечната цена во Скопје на новоградбата изнесува од 2000 до 2400 евра, но се повеќе има купувачи кои сакаат во нивниот иден дом да бидат вградени поскапи материјали како подови или скапи плочки и тие објекти достигнуваат 3 500 евра за метар квадратен.

Андреа Серафимовски претседател на Здружение на градажништво при Стопанска комора: „Се уште има една шареноликост на цени, тоа значи во општина Центар има станови на продажба кои се движат во големи разлики  од 2000 евра па до 3000 евра или 3 500 евра. На што се должи тоа, ние мораме да истакнеме како здружение дека населението мора да биде свесно и за репер да ја земе онаа цена која нуди нормални услови за живеење. Во моментов се случува да се градат повеќе комплекси кои нудат ексклузивно или елитен начин на живеење. Тоа значи дека се вградени многу скапи материјали се инвестира многу во подови, во плочки во сите занатски работи и тие станови се наменети за клиенти кои може повеќе да платат.“

Во последните неколку години информациите од терен велат дека македонските граѓани се повеќе имаат интерес за купување на апартмани во околината на Солун или вили на Халкидики. На интернет може да се најдат и Агенции за недвижности од Македонија кои нудат нови објекти на самото крајбрежје. Од 2 000 до нешто над 3 500 евра се движат станбените простории кои се со поглед на море во Грција. 

А потврда дека Македонија станува една од земјите во регионот со најскап квадретен метар даде и најновиот извештај на Народната банка за движењето на цените на недвижностите во заемјава. Податоците велат дека во вториот квартал од годинава цената на недвижностите е зголемена за дури 22 отсто во споредба со истиот период лани. Според познавачите, од ваквата состојба најмногу профитирале сопствениците на стари станови и до 40 години, а кои ги продаваат по цени и поскапи од новоизградените.