Тема на ТВ 24: 5 000 државни возила, од луксуз до крш, најзначајните сектори “кубурат“ со возила

Тетовскиот здравствен дом не ја прекршил постапката за јавни набавки со купувањето на возило со кожен волан, шест звучници и металик боја за време на ковид кризата, ова го покажала истрагата на антикорупционерите, кои денеска го затворија предметот.

Но, возилото не е помеѓу 5.553-те кои се во државна сопственост, а се впишани во регистарот на Антикорупциската комисија, бидејќи договорот е склучен по изборите во 2021 година, а овој регистар се ажурира од избори на избори.

Во него има нови и луксузни, но и стари и истрошени автомобили. Првите најчесто ги користат функционерите, вторите лицата кои излегуваат на терен. А токму кај новите е забележана злоупотребува за приватни потреби. Антикорупционерката Катица Николовска за ТВ24 вели – дадовме предлози како да се спречи злоупотребата, но тие не се прифатени.

Меѓу луксузните, влегува и „мерцедесот“ на експремиерот Никола Груевски, со кој сега се возат гости од странство. Теренците пак, користат возила и од 80-тите – случај кој го има во управата за финансиско разузнавање но и во Фондот за здравствено осигурување.

Со стари возила располагаат и пожарникарите и брзата помош, кои заедно имаат вкупно 547 возила, состојба која ја откри Центарот за граѓански комуникации. Претседателот на ЦГК, Герман Филков за ТВ 24 вели, како што се најдоа 3,6 милиони евра за набавка на службени возила за време на ковид кризата, така може да се најдат пари и за обнова на возниот парк на брзата помош, чија просечна старост е 12 години и на пожарникарите, кои гасат пожари со возила, во просек стари по 27 години.

„Време е да се направи една приоритизација во набавката на возилата бидејќи едно наше истражување од лани покажа дека дури и во време на корона се купени 142 нови патнички возила за потребите на општините, министерствата и другите институции. Во меѓувреме, тоа не е случај со противпожарните и амбулантните возила од кои што зависат животите на луѓето. Не велам да не се купуваат патнички возила ако се потребни, но да се направи приоритет, каде се попотребни во овој момент.“ - вели Герман Филко од Центарот за граѓански комуникации.

Последен во низата фатени како злоупотребаат службено возило беше министерот за надворешни работи, Бујар Османи, за кого антикоупционерите ја повикаа владата да побара одговорност, нешто што не се случи.