Текстилната индустрија се бори да опстане - ќе успее ли?

Текстилната индустрија во државата на стаклени нозе. Намалено производство, затворање на текстилни компании, недостиг на работна сила, застарена технологија, од следниот месец зголемен минимален доход и возрасни работнички.

Ваква е состојбата во текстилството во последниот период. Лани клуч на врата ставиле најмалку четири текстилни компании на истокот од државата, од почетокот на годината други две конфекции ги затвориле своите погони, а уште најмалку четири кубурат со работа и тој тренд ќе продолжи и понатаму, вели за ТВ 24 Ангел Димитров, од Организацијата на работодавачи.

Димитров дообјаснува дека заминувањето на странските партнери пред сè се должи на тоа што Македонија не може да и даде сигурност во работењето на долг рок, поради недостигот на млада работна сила. Со ваквиот став се согласува и Маријана Перковска од Текстилниот кластер, која оценува дека компаниите затвораат бидејќи не можат да ги поднесат големите трошоци.

Инаку, годинава во оваа гранка се очекува пад на бројот на работници, но и на индустриското производство од три до пет отсто. Дали текстилната индустрија во државата сепак ќе успее да застане на здрави нозе во блиска иднина, останува да видиме.