Театрите во земјава ќе добиваат годишен буџет

Театрите во земјава ќе добиваат делегиран годишен буџет, наместо да конкурираат на јавен конкурс за секоја претстава поединечно. Министерот за култура Зоран Љутков најави промена во начинот на финансирање на овие инсититуции, кои ќе добиваат пари од буџетот, исто како и театарските фестивали.

Со ова, ќе се зголеми и одговорноста на директорите на театрите, на кои Министерството ќе им остави слобода да одлучат како ќе ја планираат годишната програма.

Од реализацијата на годишната програма ќе зависи колкав ќе биде буџетот на театарот за следната година. Оваа новина министерот Љутков ја соопшти при посетата на велешкиот театар. Му донесе две убави вести, дека годинава, со измените на финансирањето, ќе добие двојно поголем буџет од лани и дека по 20 години му се враќа основната дејност и наместо Центар за култура, тој станува само театар.

Во 2004, со одлука на тогашната Влада повеќето професионални театри во Македонија се пререгистрираа во Центри за култура, со што ја изгубија примарната дејност, театарот. За разлика од останатите, велешкиот театар никогаш не ги примени другите форми на уметничко изразување како музиката, ликовната или фолклорната, туку остана на својата примарна дејност.

Велешкиот театар е најстариот во земјава, од каде што потекнуваат доајените на македонското глумиште Петре Прличко и Тодорче Николовски.