Таткото на младиот Леонид за ТВ 24: Разочаран сум од системот, благодарен сум на граѓаните за поддршката
Благодарни на граѓаните за хуманоста, но разочарани од државата. Семејството на Леонид вели дека најмалку што очекувале е негативна одлука од Фондот за здравствено осигурување со оглед на состојбата на 18 годишното момче.... Проблемите треба да се решаваат системски, а не преку молење, вели неговиот татко, кој е разочаран од системот што го довел во ваква ситуација него и неговото семејство.
„Ние сме приморани на ваков чекор затоа што друг метод не знам дали би профункционирал освен мито, врски и пријатели во нашава држава ништо друго не функционира. Јас би сакал да ги прашам тие што потпишаа негативно и сакам да ми одговорат во нивното решение стои дека за состојбата на Леонид може да се лекува и третира во нашата држава, но не пишуваат каде. Вие да сте ја прочитале состојбата на Леонид каква што е дека тој е во животозагрозувачка опасност, не би донеле ваква одлука и јас најмалку што очекував е дека лекарската комисија ќе донесе ваква одлука“, вели Бранко Индов.
Семејството ќе поднесе жалба до второстепената комисија и очекува Фондот да ја промени одлуката.
„Да ги прашам како тие би се чувствувале, барем една секунда мислам дека цел живот ќе се каат, затоа замолувам и апелирам до второстепената комисија да не ја прави истата грешка“, велиБранко Индов.
Заменик министерката за здравство Маја Манолева за случајот денеска изјави дека и на државните клиники имало современи услови и апарати за лекување на пациенти како Леонид.
Реагираше таткото кој за ТВ 24 посочи дека се сомнева дека клиниката имала капациет да третира пациенти како Леонид, кој вели бил специфичен случај за кој била запознаена и самата заменичка министерка.
Попладнево пак од Фондот со ново соопштение за случајот. Велат дека одлуката се уште не конечна и дека семејството има можности да ја оспори истата.
„Сакаме и да потенцираме дека Одлуката на Фондот со која се одбива барањето за упатување во странство, сѐ уште не е конечна. Со добивање на решението, странката е известена за редовните правни патеки кои истата може да ги искористи во управната постапка која што ја води Фондот. Во согласност со позитивната законска регулатива, странката при користењето на правните средства има право да поднесе докази и дополнителна медицинска документација за која цени дека можат да влијаат на постапката, а со која би ја оспорил веќе донесената одлука на Фондот“, велат од ФЗОМ.
Младиот Леонид Индов летово доживеал тешка несреќа што предизвикала сериозна повреда на рбетниот мозок. Леонид е и последен во низата случаи за кои граѓаните се мобилизираат на социјалните мрежи да донираат за да помогнат во лекувањето.
Одлуката на Фондот за овој случај предизвика бура од реакции на социјалните мрежи.... Дел од граѓаните бараат и промени во правилниците на Фондот, бидејќи многу животи и семејства се оставени сами на себе.
И додека семејството на Леонид се надева на промена на одлуката на Фондот , граѓаните масовно донираат на телефонските броеви за донации.

