Татко му на Ристов: Син ми, судијата Ристов го користи тој простор

„Син ми, Ѓоко судијата го користи ово простор..“ одговорил таткото на апелациониот судија Ѓоко Ристов, на прашање од истражителите при претресот во кујната, при откривањето на 350 000 евра сокриени во ѕид во куќата на родителите во Неготино. ОЈОГОКК започна со презентација од материјалните докази, снимки, фотографии-дејствија од претресот и чинот на пронаоѓање на парите.

Во однос на делот за Љупчо Пецов и Фехми Стафа, застапничката на обвинението, обвинителката од ОЈОГОКК Искра Хаџи Василева посочи дека сакаат да му ги укажат вкупните околности на судот.

Искра Хаџи Василева-обвинителка од ОЈОГОКК

„Стана манир, многу често гледаме, одбраната под плаштот на права на одбраната да влегува и да гази граница на злоупотреба на правата. Законот има одредби за тоа кои не дозволуваат и не би требало да се дозволува злоупотреба на правата на одбраната. Но, јас сум уверена дека овој суд е доволно искусен и дека нема да дозволи одбраната преку злоупотреба на своите права да ја одолговлекува оваа постапка.“

Одбраната на апелациониот судија Ристов вели дека доказите на Обвинителството се од лице место кое не е сопственост на обвинетиот, потврдите биле потпишани од друго лице, а парите, според адвокат Звонко Давидовиќ, се одземени од друго лице. За трагите вели ќе објасни судска медицина, ангажирана како технички советник на одбраната. Во листата на докази ги предложиле Фехми Стафа и Љупчо Пецов.

Звонко Давидовиќ-адвокат

„Парите се предадени во трети месец во Агенција за одземен имот. Ливчињата, алуминиумските фолии и парите се во иста кеса однесени во МВР, па се манипулирани во смисла, ракувано е со нив во трети месец. Вадени се парите да се предадат во Агенцијата и во четврти месец е вршено вештачење. На плочките и на подот се ставани пари, ракавиците се скинати, манипулирано е со парите во четврти месец.

Ѓоко Ристов е во домашен притвор, а следното рочиште е закажано за почетокот на јули. Судскиот процес го води судијката Билјана Коцевска.