Таравари: Секој што згрешил нека одговара за акцијата против незаконското издавање на пензии
Дваесет и три лица се приведени, а еден е во бегство по вчерашната акција на обвинителството и полицијата за незаконски издавања на инвалидски пензии и помош за туѓа нега. Обвинителството денеска соопшти дека отворена е истрага против вкупно 49 лица.
Истрагата открива дека во текот на 2023 година, првоосомничената, која била поранешна вработена на Универзитетската клиника за уво нос и грло во Скопје, заедно со уште единаестмина лица меѓу кои лекари од велешката болница, од Универзитетската клиника за неврологија , адвокат од Велес, како и службеник од Центарот за социјални работи во Тетово обезбедувале фиктивна медицинска документација за добивање помош за туѓа нега, а за возврат земале мито.
Паралелно, во истиот временски период докторка исто од Универзитетската клиника за уво, нос и грло, која била и член на Комисијата за инвалидиски пензии, заедно со првосоомничената создале уште една група, на која се приклучиле уште десетмина лица и по истиот терк незаконски издавале инвалидски пензии..
- Оваа група континуирано ги извршувала кривичните дела при што нејзините членови се стекнале со противправна имотна корист. Организаторите и припадниците со координирани дејствувања барале и примале парични средства – поткупи од лица баратели на право на инвалидска пензија користејќи идентичен modus operandi како и првата група. Со преземените дејствија осомничените членови на групата на барателите им обезбедувале исполнување на услови за успешно водење на постапките за стекнување со право на инвалидска пензија, врз основа на која припадниците на криминалната група - членови во Комисиите со искористување на своето реално влијание и службената положба овозможиле успешно водење на постапката за стекнување со право на инвалидска пензија, како и донесување одлуки во корист на барателите на право на инвалидска пензија кои дале поткуп. - ЈОРСМ.
Полицијата вчера изврши претреси на повеќе локации во Скопје, Велес, Тетово и Гостивар, а за време на претресите кај осомничените биле пронајдени 110.000 евра, повеќе мобилни телефони, нотеси со податоци на должници, медицинска документација и повеќе факсимил печати.
Министерот за здравство порача дека ги поддржува сите вакви акции со кои треба да се расчисти корупцијата и криминалот во здравствениот систем.
„Ние не сме ниту полиција ниту обвинителство но ги поздравувам сите овие акции, знам и јас имам информации дека има такви феномени, не се сите доктори, не сакам да генерализирам, но таму каде што има сомнежи ги поддржувам и стоиме како Министерството за здравство да им помогнеме во сите вакви акции за да се расчисти со криминалот и корупција.“ - Арбен Таравари министер за здравство.
На осомничените им се ставаат на товар повеќе кривична дела меѓу кои - Злосторничко здружување, Злоупотреба на службена положба и овластувања, Примање и давање поткуп како и Примање и давање награда за противзаконито влијание, обвинителството за 12 осомничени бара притвор, за тројца куќен притвор, а за останатите мерки за претпазливост.