Таравари: Прво управен одбор во фондот за здравство, па проширена листа на лекови на рецепт
Проширувањето на позитивната листа на лекови сега ќе чека формирање на нов управен одбор. Дали и кога конечно пациентите ќе можат да земат нови лекови на рецепт, министерот за здравство не одговори конкретно, но тврди дека пари има, фали само уште управниот одбор да се состане.
„Само чекаме да се избере новиот Управен одбор. На првата седница на Управниот одбор на Фондот, позитивната листа ќе ја промовираме заедно со директорот на ФЗОМ. Со ова, после 15 години ќе биде проширена позитивната листа за првпат, а до крајот на годината се надевам ќе ја прошириме и со нови неколку лекови“, изјави министерот Таравари.
Директорите на фондот за здравствено осигурување вчера изјавија дека буџетот е полн со дупки, болниците се со блокирани сметки, клиниките го потрошиле условниот буџет и дека мора да се направат анализи и листа на приоритети, по што ќе информираат конкретно кога и колку нови лекови ќе стават на товар на државата.
- Ние во моментот правиме проценка колкави се празнините односно дупките во повеќе подрачја. Заедно со ребалансот имаме доделено нови средства, но мора да направиме проценка кои се здравствени потреби може да ги задоволиме до крајот на годинава и тоа бара малку време и мора да ги видиме приоритети, бидејќи секој ден се јавуваат од клиники и болници дека се блокирани, дека фондовите за условно финансирање се потрошени.“ - рече Сашо Клековски директор на ФЗОМ .
Таравари пак уверува дека наскоро ќе се финишира листата и во иднина нема толку долго да се чека за да се ажурира. Пациентите но и лекарите со години наназад бараат нови лекови, но досега се остана само на најави. На листата не се ставени нови лекови на рецепт повеќе од десет години.

