Таравари: Ќе има одговорност и за државни и за приватни клиники ако се утврдат пропусти
Министерот за здравство Арбен Таравари сé уште без одговор, кој е одговорен за смртта на 57 годишниот пациент со пукната аорта кој не беше опериран, бидејќи државна кардиохирургија е без стентови, а хируршката сала неопходна за ваков тип интервенции е затворена.
ТВ 24 ја контактираше приватната клиника „Жан Митрев„ за тврдењата на семејството на починатиот пациент, дека иако од оваа клиника имаат склучено договор со ФЗО за вакви операции, оттаму им рекле дека државната квота е веќе пополнета и наместо тоа, операцијата можеле да ја направат приватно што би ги чинело неколку илјади евра. Од Клиниката не потврдуваат дали квотата е навистина исполнета, но тврдат дека барање за хоспитализација до нив од Кардиохирургија немало.
- Пациентот за кој станува збор не беше регистриран во системот на Жан Митрев Клиника, ниту беше побарано негово хоспитализирање. До нас беше доставено барање за второ стручно мислење кое беше разгледано. Хоспитализација може да се реализира исклучиво преку официјално испраќање на пациентот од Клиниката за кардиохирургија до нашата клиника. - Клиника Жан Митрев.
Од ДЗСИ вчера информираа дека операционата сала во која се третираат вакви случаи, ќе биде отворена дури после 15 мај, додека јавната набавка на стентови е во тек и ќе бидат достапни кога и салата ќе биде функционална. Од ДЗСИ потенцираат дека пациентот не можел да се оперира во друга операциона сала бидејќи имало висок ризик од смртен исход.
- Една од процедурите која била во опција за третман на пациентот е TEVAR (торакална ендоваскуларна аортна реконструкција) но во моментот на клиниката имало недостаток на стентови за таква интервенција а ангиографската сала во која се изведуваат такви интервенции е во градежен зафат заради поставување на компјутер. Потоа издаден е упат за Торакална и васкуларна хирургија Скопје, но добиен е извештај дека кај нив нема можност за изведување на ендоваскуларен третман поради поправка на дел од ангиографот, а и не се изведуваат интервенции на торакална аорта туку само васкуларни процедури на абдоминална аорта, а уште повеќе што не располагале ниту со TEVAR стент графтови. - Државен здравствен и санитарен инспекторат.
Од страна на министерот Таравари, ќе се формира комисија за стручен надзор која ќе го проверува стручното работење на здравствените работници кои го третирале сега веќе починатиот пациент.