Тага во Шуто Оризари по пожарот во кој загинаа две деца
За пожарот во кој вчера загинаа две деца останаа да сведочат само руините на импровизираниот дом во кој живееле тие и нивното семејство. Куќата е изгорена до темел. Телата на децата треба да бидат погребани. Причините за пожарот надлежните се уште не ги утврдиле. Како ова семејство има уште многу такви кои живеат во импровизирани живеалишта и во нехумани услови, на работ на егзистенцијата. И во 21-виот век овие луѓе живеат без вода и струја. Патот до домовите е каллив и тешко прооден. А политичарите пак се сеќаваат на нив само кога треба да се сликаат пред избори или после вакви трагедии – велат револтираните жители на оваа населба.
„Синоќа дојде и премиерот значи цела држава дојдоа само реклама си прават а ништо не преземаат и не помагаат. Каде е министерство за труд и социјала? Луѓето се во паника, немаат ни вода ни струја, ни душек за спиење ни јадење. Значи треба да се помогне на овие луѓе, а не само да си прават кампања за време на избори. Јас апелирам до граѓаните да им помогнат на ова семјество, да не останат на улица“ - велат жителите на Шуто Оризари.
„Условите се лоши. Сиромашни луѓе се. Требаше барем малку да се потрудат политичарите да овозможат подобри услови. Тие чекаат да дојде краен момент. Ние реагиравме и претходно. Шуто Оризари се шири, местото е тоа, ова можеше навреме да се спречи. Ние апелиравме, дајте бе луѓе водовод немаме, ќе се спасеа тие деца. Нема вода од каде да пијат. Оставени сме сами да се бориме“ - велат жителите.
А наместо да превенираат вакви случаи, социјалните работници излегоа на терен откако се случи пожарот, па сега Центарот за социјала ќе дава пари за погребот на децата.
„Како надлежен Центар за социјална работа на семејствата ќе им дадеме еднократна парична помош по основ на елементарна непогода, а на семејството каде што имаме и смртен случај ќе им дадеме и еднократна парична помош за покривање на погребните трошоци“ - вели директорката на Центарот за социјални работи на Град Скопје.
По трагедијата не изостанаа ниту посетите од премиерот и министрите и градоначалникот.
Претседателот на Владата Оливер Спасовски вчера изјави дека треба да се извлече поука какви чекори треба да се преземат во градењето на инфраструктурата и како да им се помогне на овие граѓани за да не се повтораат вакви трагедии.
Но дали и што конкретно ќе преземат за овие луѓе да добијат соодветни услови за живот - одговор од Владата денеска не добивме. А со оглед на тоа што градбите во кои живеат овие семејства се небезбедни – опасноста од повторување на вакви трагедии и натаму демнее.