СЗО за ТВ24: Квалитетното лекување клучно за намалување на смртноста

Зошто Македонија е меѓу земјите со најмногу починати од КОВИД и како може да се намали смртноста од вирусот?

Д-р Кејти Смолвуд од СЗО за ТВ24 вели дека квалитетот на здравството, лекувањето, хроничните заболувања, како и возраста кај населението се дел од факторите за високата смртност.

Клучен фактор кој може да ја намали смртноста е високата стапка на вакцинација, но како важен фактор го посочува и третманот и медицинската нега на пациентите со КОВИД.

„Работата која СЗО ја врши со колегите од Македонија за да се подобри квалитетот на нега во одделенијата за интензивна нега и во болниците, да се осигура дека кислородната поддршка се дава навремено и луѓе кои не мора да се стават на механичка вентилација, да не бидат ставени на механичка вентилација. Но, постојат и многу други работи и во моментов имаме многу моќна алатка, бидејќи повеќето хоспитализирања и смртни случаи се меѓу поранливите лица постарите и со хронични болести можеме да ја намалиме смртноста со зголемување на вакцинираните лица. Вакцинираните ќе бидат заштитени од хоспитализација и во најголем дел од смрт. И тоа ќе изврши драматично влијание врз смртноста од КОВИД“ - вели д-р Кејти Смолвуд - СЗО.  

Во меѓувреме пак се уште се чекаат резултатите од вонредниот надзор кој го започна Државниот здравствен инспекторат, а со кој се испитува високата смртност од ковид-19 кај пациентите помлади од 40 години.

До здравствените инспектори од почетокот на епидемијата досега пристигнале 28 претставки од страна на семејства на починати од КОВИД, кои се сомневаат на пропусти во лекувањето.

Од Министерството велат дека од досега извршените стручни надзори не се утврдени пропусти во лекувањето.

„Од досега доставените извештаи за завршени стручни надзори од страна на Лекарската комора, нема утврдено пропусти во текот и начинот на лекување на пациенти позитивни на ковид. Доколку Комората утврди лекарска грешка или непочитување на законските прописи и правила во лекување на пациент, Министерство за здравство ги презема потребните правни чекори“ велат од МЗ.

Од СЗО велат дека тие веќе соработуваат со здравствените власти и дека се отворени за секаква поддршка на македонските власти во справувањето со ковид - кризата.

„СЗО тесно соработува со нашите колеги во Македонија, имаме тим таму, присутни сме во земјата постојано. Можеме да обезбедиме секаква помош која ќе ја побара министерството за здравство, дали тоа би било некаква специфична експертиза или опрема, или да му се помогне на министерството за здравство или владините тела за да се преиспита менаџирањето на пандемијата, ние веќе и пружаме таков вид на поддршка и тесно соработуваме но секако ако треба дополнителна помош ќе го обезебедиме и тоа“ -  вели д-р Кејти Смолвуд 

Според податоците на здравствените власти, од почетокот на епидемијата со коронавирусот до сега – 6.683 лица починаа како резултат на компликации од коронавирусот. 

Министерот за здравство најави дека ќе се започне и со детален скрининг на здравствената состојба на населението, третманот и лекувањето на хроничните заболувања, како и пристапот до здравствена заштита.