СЗО стравува дека бројот на жртви од земјотресот во Турција и Сирија може драматично да се зголеми

Спасувачките екипи во Турција и Сирија поминаа уште една студена ноќ во очајна трка со времето за да се спасат заробени луѓе под урнатините.

Последните информации од двете држави говорат дека повеќе од 7 800 луѓе загинаа во разорните земјотреси од понеделникот, а Светската здравствена организација (СЗО), пак, стравува дека црниот биланс може драматично да се зголеми бидејќи спасувачките екипи може да пронајдат уште голем број тела под урнатините.

Директно или индиректно, повеќе од 23 милиони луѓе, според прогнозите, би можеле да бидат погодени од катастрофалните земјотреси.

Во извлекувањето на заробени лица и жртви од под урнатините учествуваат и роднини кои се приклучија на спасувачките екипи, а паралелно на помош во Турција пристигнуваат и тимови од голем број земји ширум светот.

Меѓу земјите кои испратија помош е и Македонија од каде вчера 22 припадници на Баталјонот за специјални сили отпатуваа за Турција. Покрај нив, земјава испраќа и две кучиња обучени за трагање и двајца водачи.