СЗО предупредува: Вакцината нема да помогне слободно да се патува, мерките да останат
Foto

СЗО предупредува: Вакцината нема да помогне слободно да се патува, мерките да останат

Вакцината против КОВИД нема да овозможи слободно патување засега. Актуелните мерки треба да останат на сила за да се намали ризикот од зараза за време на патувањата, велат од Светската здравствена организација. 

СЗО  ги советува земјите да не ги условуваат меѓународните патувања со докази за примена вакцина, бидејќи се уште нема докази за ефикасноста. 

„Во овој момент, не воведувајте обврска за докажување на вакцинација или имунитет за меѓународно патување, бидејќи сè уште има клучни непознати информации за ефективноста на вакцината во намалувањето на преносот, а вакцините не се целосно достапни за секого. Доказите за вакцинација не треба да ги ослободуваат меѓународните патници од други ограничувачки мерки за намалување на ризикот од зараза за време на патувањето“ - велат од СЗО.

Во светот веќе се водат дебати околу тоа дали треба да се воведат т.н. „Ковид пасоши“. Дел од експертите велат дека треба да се разгледа и опасноста од повреда на човековите права, особено со оглед на тоа што во моментов не сите земји имаат пристап до вакцини.  

„Има многу отворени прашања. Ковид пасошите сега се наметнуваат како средство за заштита, всушност како што е и движењето без ПЦР тест, веќе се ограничени движењата, некои земји ги укинуваат, некои не. Ковид пасошите ги гледаат како некој мек притисок за што повеќе да се вакцинираат луѓето, затоа што има големи резерви не само кај нас туку и на светско ниво околу ефикасноста на вакцината. Едноставно тоа е начин да се наметне што поголема вакцинација за да може да се рестартира и движењето и економиите“ - рече Констатин Миновски – универзитетски професор.

Генералниот секретар на Обединетите нации пак повика на поголема солидарност и достапност на вакцините и во сиромашните земји. Тој упати остри критики за нерамномерната дистрибуција на вакцините низ светот. 

„Вакцините доаѓаат во богатите земји брзо, додека во сиромашните воопшто ги нема. Некои земји преговараат за дополнителни набавки од странство, набавувајќи повеќе отколку што им е потребно. Владите имаат одговорност да ги штитат своите жители, но со вакци-национализам, земјите ќе се поразат себеси и ќе го забават глобалното закрепнување. Ковид-19 не може да се победи индивидуално, земја по земја. Науката успева - но солидарноста паѓа“ - вели Антонио Гутереш – Генерален секретар на Обединети Нации.

Македонија е една од последните земји во регионот, која се уште ги чека вакцините против вирусот. 

Бугарија и Грција имунизацијата ја стартуваа пред Нова година заедно со останатите земји членки на ЕУ. Минатата недела започна вакцинацијата и во Албанија.

Србија почна да вакцинира на 24-ти декември. Денеска пристигнаа милион вакцини на кинеската фирма Синофарм. Српскиот Претседател Вучиќ најави дека следната недела ќе добијат уште 19.500 вакцини на Фајзер и уште 250.000 дози на руската вакцина Спутник. Според Вучиќ сите вакцини Србија ги набавила преку билатерални договори.

0 Коментари

Остави коментари